• Сподели на:

Правила и совети за шминкање

___

Декоративната козметика денес ја има во огромни количини на пазарот, па секоја жена која е свесна за своите предности и недостатоци може да изгледа навистина добро. Таа може да го истакне на своето лице она што е за неа убаво и својствено, а да ги прикрие недостатоците. Сепак, шминкањето бара одредена вештина, вкус, мерка и чувство за естетика, а многу е важно и да го пронајдете својот стил.

Течна пудра. Подлогата за течната пудра треба да биде хидратантна крема која кожата треба добро да ја впие. Ако вашиот тен е нежен, мазен или сув, одберете транспарентна течна пудра во шишенце. Ако површината на кожата е таква да треба да покриете некои неправилности, подобро одберете погуста пудра. За оние кои мораат да прикријат некои лузни, се препорачува употреба на стик кој најдобро покрива, а се употребува и за театарска и телевизиска шминка.

Руменило за образите. На лицето му дава свежина и поубав облик доколку е правилно нанесено. Руменилото во прав изгледа многу природно, а тоа во форма на крема е многу подобро за сува кожа. Бојата се одредува според бојата на кожата, косата или карминот за усни.

Шминка за усни. Негата на усните и забите е секојдневна потреба. Усните се чистат со млеко или масло за чистење. Преку текот на целиот ден треба да бидат заштитени или со кармин, гроздова маст која ја има во аптеките или пак сјај за усни. Малите усни можат да се зголемат оптички доколку нанесете светол кармин малку над линијата на усните, а големите усни пак, доколку сакате, можете да ги намалите ако нанесете темен кармин но не до работ на усните.

Веѓи. Комплетната шминка за очи започнува од веѓите. Обликот треба да ја следи природната линија, па со пинцетата искубете ги само вишокот влакненца, и тоа најмногу од долната страна со цел да се напраи убав лак и да се отвори окото. Со молив за веѓи можете да поправите одредени неправилности, а бојата одберете ја според бојата на косата. Не се препорачува употреба на црн молив за веѓи.


Оставете коментар

___