Децата се многу паметни и добро го помнат секое ваше ветување, а доколку не го исполните ќе ги разочарате.
Професорката Силвија Рус, која се занимава со нега и воспитување на деца, а воедно е и автор на книга за деца, напоменува дека децата се големи ситничари кога се работи за ветувањата – вашиот збор е ваша обврска.
“Ако прекршите ветување ја губите довербата на детето”, тврди таа.
Следат неколку вообичаени ветувања кои родителите ги даваат и ги кршат или едноставно не се добри за нивниот развој:
“Ветувам дека нема да боли“
Болката е субјективна, па вадењето на фластер можеби за вас е ситница ама детето може тоа да го доживее поинаку. Наместо да кажете дека нема да боли кажете: “Можеби малку ќе боли, но брзо ќе помине”.
“Ветувам дека ќе си дојдам дома пред да легнеш“
Бидете внимателни со ветувањата кога околностите се вон ваша контрола, како што се гужвата во сообраќајот или итен деловен состанок. Наместо тоа кажете: “Ветувам дека ќе дадам се од себе да дојдам дома порано”.
“Ветувам дека следната недела ќе одиш кајдругарчето, ама нема денес “
Децата памтат детали. Ако кажете следната недела, тие ќе се држат до тоа. Понудете им подобра алтернатива: “Ќе разговарам со мајката на другарчето и ќе пробам да договорам дружење кога на сите ќе ни одговара”.
“Ветувам дека ќе те однесам на сладолед кога ќе си ја средиш собата“
Со подмитување нема да му помогнете на детето да се мотивира. Прескокнете го ветувањето за слатки и помогнете му да ја сфати смислата на причина и последица. Пробајте нешто вака: “Треба да си ги расчистиш твоите играчки затоа што некој би можел да се сопне и падне”.
“Ветувам дека кога ќе ја напишеш домашната задача ќе бидеш најпаметното дете во одделение“
Помогнете му на детето да ја научи вредноста на учењето, наместо по секоја цена да биде најдобар. Кажете му: “Пишувањето на домашното ќе ти помогне да пораснеш и научиш”.
“Ветувам дека утре ќе биде подобро“
Родителите го сакаат најдоброто за своите деца ама понекогаш децата само сакаат да ги ислушате и да ги сфатите нивните чувства. Добар начин како да го направите тоа? Кажете: “Звучи како да си имал тежок ден”.
“Ти ветувам дека ќе одиме во аквапарк следната година за твојот роденден“
Вашето дете сака нешто посебно и вие сакате да му го пружите тоа, ама поголемите патувања бараат планирање и буџет. Вклучете го и детето во целиот процес за да има претстава што се случува. Пробајте со: “Мислам дека аквапарк би бил забавен. Ајде да размислиме како да заштедиме и отидеме до таму”

You must be logged in to post a comment Login