Кога следниот пат ќе го посетите својот лекар за да Ви го измери крвниот притисок, можеби би било подобро да замолите тоа да го направи медицинската сестра, бидејќи анализите покажуваат дека докторите по правило мерат повисок притисок.
Британските научници предводени од докторот Кристофер Кларк од Универзитетот Ексетер ги проучувале наодите од мерењата на крвниот притисок кај 1000 пациенти на кои притисокот им го мереле и лекарите, и сестрите за време на истата посета на ординацијата, пренесува Би-Би-Си.
Истражувањето покажало дека сестрите добиле резултати кои повеќе одговараат на реалната состојба. „Некогаш таа разлика во мерењата е доволна за пациентот да ја мине границата на хипертензија, да добие непотребна медикаментозна терапија и да се изложува на несакани нус-појави“, објаснуваат експертите.
Разликата е веројатно во тоа што пациентите се поанксиозни кога притисокот им го мери докторот, т.е. им се случува т.н. „ефект на бел мантил“, велат научниците кои својот труд го објавиле во списанието British Journal of General Practice.

You must be logged in to post a comment Login