• Сподели на:

Најздравата телесна тежина е…

___

Според Светската здравствена организација, луѓето чии идекси на телесна маса се движат меѓу 22,5 и 24,99 – вредности кои се наоѓаат на самиот врв од категоријата „нормална тежина“, спаѓаат во групата со најмал ризик за смртност од сите причини, потврдила големата научна студија од Австралија и Холандија.

Научниците проучувале податоци од 246.000 починати лица за да пронајдат поврзаноста помеѓу индексот на телесна маса и смртноста. Првичните резултати покажале дека постои најниска смртност во категоријата каде индексот на телесна маса (ИТМ) се движи меѓу 25 и 29,99. Меѓутоа, кога од оваа група се исфрлени пушачите и лицата кои страдале од тешки заболувања (две групи на население кои имаат нарушено здравје иако кај нив постои пониска телесна маса), експертите дошле до заклучок дека најниска стапка на смртност постои кај лицата чиј ИТМ се наоѓа на врвот од категоријата на нормални вредности.

„ИТМ може да се пресмета на едноставен начин со помош на два фактори, вашата висина и тежина, а е од голема помош кога треба да се категоризираат големи групи луѓе. Сепак, постои многу попрецизен податок кога треба истражувањето да се спроведе врз поединци“, предупредува д-р Тимоти Чрч од Истражувачкиот центар за биомедицина при Универзитетот Пенингтон, од сојузната држава Луизијана, во САД.

„ИТМ кажува колку сте тешки, но не кажува каде“, додава тој.  Д-р Чрч објаснува дека масните наслаги околу половината се многу поопасни од оние на другите делови на телото. Исто така, при калкулацијата на ИТМ не се земаат предвид телесната активност и другите фактори кои ја одредуваат општата здравствена состојба.

ИТМ може да биде корисна мера за општото здравје, кога се користи заедно со другите фактори како што се начинот на живот и семејната историја на болести, прехраната, вежбањето, крвната слика… Но, не треба да се потпирате само на ИТМ за да одредите дали сте здрави. Многу поверодостоен показател на здравјето е опсегот на вашиот струк.

„Измерете го опсегот на струкот на врвовите од колковите. За жените не е здраво да имаат опсег поголем од 90 сантиметри, а за мажите 101,5 сантиметри“, вели д-р Чрч.


Оставете коментар

___