• Сподели на:

Вежби за затегнување на горниот дел од телото

___

Кога станува збор за сексипил, убаво обликуваниот и затегнат грб може да биде вашетo тајно оружје. Освен што ќе ви помогне да изгледате фантастично, особено во маичките и фустаните со отворен грб или на прерамки, ќе се подобри и вашето држење. Додатен бонус е што ваквото држење го исправува и предниот дел од телото, подигајќи ги градите нагоре. Вежбите наречени Y-T-I вежби ќе ви помогнат да го постигнете овој ефект. 

Позиција Y 

Легнете на стомак, рацете нека ви бидат испружени на под под агол од 30 степени во однос на телото, така што формираат облик во вид на буквата Y. Кога ќе ја завземете соодветната положба, дигнете ги рацете највисоко што можете, отприлика до онаа граница кога ќе почнете да чувствувате мала болка. Задржете се неколку секунди во оваа положба, а потоа вратете се во почетната. Направете три серии по 2 повторувања.

Позиција Т 

Легнете на стомак, а рацете испружете ги на страна така што со телото ќе формираат облик во вид на буквата Т. Принципот е ист како со претходната вежба. Дигнете ги рацете колку повеќе можете, се додека не почувствувате мала болка. Направете три серии по 2 повторувања.

Позиција I 

Легнете на стомак и испружете ги рацете пред себе формирајќи права линија од стопалата до врвот на прстите на рацете (облик на буквата I). Дланките нека ви бидат свртени една кон друга. Дигнете ги рацете од подот што повеќе можете, се додека не почувствувате мала болка. Задржете се во оваа положба неколку секунди, а потоа вратете се во првобитната положба. Направете три серии по 2 повторувања.

Овие вежби се подеднакво добри и за почетници и за жените кои се во добра кондиција. Оние физички подобро подготвените можат да прават комбинации од трите вежби. Имено, завземете положба така што ќе легнете на под, а потоа повторувајте ги сите три вежби без паузи, во серија од 12 повторувања, прво позицијата Y, потоа Т и на крај I. Направете кратка пауза, а потоа направете уште една серија.


Оставете коментар

___