• Сподели на:

Упатства за справување со бившите

___

Не сме сите Тејлор Свифт која откако ќе ја прекине врската, ќе напише песна за бившиот и така ќе го исчисти своето срце. Еве како да се носите со емоциите кои ги имате и покрај тоа што статусот на Facebook ви е променет.

Идиотот кој ве изневерил

Вашиот сакан не можел да се воздржи за да го смири алатот во гаќите, а сега не можете да ја контролирате својата параноја.

“Со бившиот дечко одев една година, а другарите нѐ викаа лонче и капаче пошто буквално не се разделувавме. Баш заради тоа бев шокирана кога дознав дека додека сме иделе, ме изневерувал. И тоа не со една, не со две, туку со една цела војска девојки. Тоа беше како некој наеднаш да ти ја одземе сигурноста”, се сеќава Барбара (21). “А бев на почетокот на љубовниот пат. Секако дека почнав да се сомневам и во другите мажи. Па како тоа можел да ми го прави позади грб, како сега некому да верувам?” Само полека! Сега земете воздух и завртете се малку околу себе. Еден од полесните начини за да ја вратите довербата во машкиот род е да побарате примери на стабилни и среќни парови. Не мора да одите премногу далеку. Доволно е да ги погледнете своите родители ако се сеуште во брак. Или на пример родителите на вашите пријатели на кои им се воодушевувате. Да, тоа е доказот кој го барате. Доказ дека постојат здрави врски, дека не сите мажи изневеруваат и дека верноста во врските е возможна.

А сега треба да го направите баш тоа што вашиот бивши не можел – да бидете искрени кон себе. “Веќе подолго време ги идеализирате своите партнери и сакате да бидат такви какви што вие сакате. Ајде погледнете малку подлабоко во себе и признајте си дека тој и не бил личноста што вие сте ја виделе пред себе и дека можеби мафтал со црвено знаме за да ве предупреди, а вие тоа сте го игнорирале. Ок, кога сега тоа го сфативте, нека не ви падне на памет да му се јавите и од него да барате објаснување. Не паѓајте на фората дека ќе ви биде полесно ако ви даде еден тон одговори на прашања што ви се мотаат по глава – зошто, каде, како, кога… Да бидеме искрени, тоа само ќе го успори периодот на заборав.

Дечкото кој рекол: Не сум спремен за врска…

А одма после тоа се верил со првата која има поголеми гради

“Кога раскинавме, дечко ми ми кажуваше дека е премлад за да биде во сериозна врска”, кажува Ања(29). “А после само една година, бинго! Дечкото се ожени. Бев скршена и како пред очи да ми се доврши реченицате – Да, не сум за сериозна врска со тебе.” Сочувствуваме со вас и знаеме дека се чувствувате како некој да ви забил нож во срце, па уште малку подлабоко го поставил сврделот, ама на работите треба да се гледа поинаку. И мора да сфатите дека компатибилноста нема никаква врска со тоа колку вие вредите. Едноставно не сте налетале на вистинската пазла. Значи, ако следниот пат слушнете дека некој од вашите бивши се оженил бидете среќни и честитајте му. И никако не барајте објаснување зошто вие не сте во таа венчаница. Подобро јавете се кај некоја од другарките и таа ќе ви го потврди она што и ние го мислиме. Да, сто пати сте попаметни, позгодни и подуховити од таа девојка. И нека им е со среќа!

Бившиот дечко кој сеуште е дел од твојот живот

Имате еден куп заеднички пријатели, го гледате постојано како да се врска

“Јас и дечко ми се разделивме на најлош можен начин, ама зашто имаме ист круг на пријатели не сакав да помислат дека сум асоцијална, бедна, повредена, продолжив да се дружам со нив иако него го мразев од дното на душата”, ни се довери Наташа (19). “Тоа беше ужасно лош и исцрпучаки период. Постојано имав чувство на тежина во градите, а морав да се преправам дека сѐ ми е супер. Глумев! Се трудев од петни жили да изгледам супер, да одвалувам некои фори, како секоја секунда да сакав да му докажам дека сум феноменална и да цркне од мака што ме остави. Во превод трошев толку многу време за да се средам и да изгледам како да одам на доделување на Оскар, а не кај пријатели дома да гледаме утакмица.”

И сега – аплауз! Вашата глума заслужува златна статуетка и ние тоа го цениме. Ама баш затоа што се грижиме за вас ќе ве замолиме тоа да не го правите зашто така го успорувате процесот на преболување. Секако дека после секоја врска ќе се чувствувате тажни, ќе имате потреба да плачете, да ја забиете главата во перница, да скршите нешто и да ја исфрлите целата лутина од себе. Значи, треба да им објасните на пријателите дека ви треба пауза од дружбите на кои и тој се појавува, и дека сакате да бидете само со свои луѓе. А ако наидете на него, не значи дека треба со него да се дружите. Краток поздрав е сосема доволен. Но, ако и понатака го гледате бидете свесни дека тој е само нарцисоиден рибар кој секој момент ја повлекува јадицата за да се увери дека уште го сакате и посакувате. И затоа, секој пат кога ќе му одговорите на СМС пораката или на Facebook, знајте дека на неговиот брод сте истовариле голема порција надеж која тој сака што поскоро да ја згасне. Од сега па за век и веков треба да ги игнорирате сите негови пораки, а при тоа не смеете да имате грижа на совест.

Упс! Дечко за кого се верува дека сака мажи

Мислевте дека сте неговата совршена половина, а потоа сте откриле дека тој својата половина не ја бара во вашиот, туку во својот пол

“Кога дознав дека мојот бивши пак е во врска, ама не со девојка, туку со дечко, бев и збунета и повредена”, се присетува Сара (21) на своето искуство. “Па како е тоа можно! Зарем некој со кој сте биле блиски не требал тоа да ви го каже?” Да, имате потполно право да бидете гневни и да се осеќате искористено, но на ваше место би се воздржале од барање објаснување. Вашиот бивши веројатно и самиот бил збунет додека сте биле заедно и тешко дека било што паметно ќе ви каже зашто веројатно и самиот не може да испроцесира што му се случува.

Фраерот кого сте го уништиле

Да, признаваме дека и ние имаме порив да му се јавиме на дечкото на кого сме му забиле нож во срце и да му кажеме некој убав збор, да видиме дали е жив…

“Имав стварно супер дечко, ама му раскинав,”, кажува Соња (25). “Па одвреме на време ќе му испратам порака. А и по малку се грижам зашто откако раскинавме е во некоја депресија.” Зошто тоа го правите? Од една страна знаете дека тој тоа не го заслужува, а од друга страна се обидувате да ја измиете својата нечиста совест. Ама внимавајте зашто во игра може да е и некоја трета причина. Ако понекогаш сте лошо расположени, а самодовербата на ниско ниво, што е подобра инекција за вашето его од допишување со типот кој што ве сакал повеќе одошто себе си. Да, вие сте предобра личност за да му дозволите некому да ви виси на врат додека вие внимателно работите на себе. И затоа, отсечете го тоа јаже!

Гадот кој се изгубил

Со него сте прогнозирале блескава иднина, а откако испарил, во вашиот живот се спуштиле темни облаци

“Иако знам дека животот не е бајка, стварно мислев дека со него ќе останам засекогаш”, признава Маргарита (29). “Толку ме повреди прекинот на врската што над мојот живот надвиснаа темни облаци.”

А сега отрезнување! Да, веруваме дека сте биле лудо вљубени во својата фантазија. Во блескавата слика за иднината во која вие сте го контролирале секој чекор. И нема шанси никој, па дури ни предвидувачките да ви потврдат дека би можеле да останете со него цел живот, зашто животот не е игра која можете да ја контролирате. И време е да престанете да очајувате и да се плашите дека веќе нема да можете да најдете партнер кој така ќе ве заведе како бившиот. Имаме еден совет, јавете му се на бившиот и викнете го на кафе за да се соочите со реалноста. На кратко, времето може да ни го замагли погледот, па и од најголемиот ѓавол да направи светец. Но, ако седнете со него на кафе и приметите дека не ве слуша, дека е нервозен, безобразен, голема е веројатноста дека од фантазијата нема да остане ни ф. Затоа, направете го тоа ако вашиот бивши е: а) Садист кој повторно ќе сака да си поигра со вашите емоции; б) Поминало повеќе од една година; в)Секој пат пред да заспиете помислувате на него.

Да сумираме дури и ако вашиот бивши дечко е Бред Пит или Џорџ Клуни, тоа не значи дека можете да го наречете ОНОЈ ВИСТИНСКИОТ. Вистинскиот е тој кој сака да биде со вас. И во добро и во зло! Имате уште прашања?


Оставете коментар

___