• Сподели на:

Интимноста – Клуч за успешно заведување

___

Ако сакате да заведете маж, а тоа да не биде само за една ноќ туку со цел да создадете успешна и цврста врска, клучот на успехот ќе го најдете во интимностa. Воспоставувањето интимност за некои жени е тешко, но тоа не значи дека е невозможно. Откријте како да го пребродите тој страв.

Разликата меѓу машко и женско заведување

Кога заведува маж, неговиот мотив е физичката привлечност, а крајната цел е сексот. Можеби ова звучи сурово, но мажите не сакаат веднаш да воспостават интимност и емоционална поврзаност. Од друга страна, жената има нешто повеќе на ум кога го заведува мажот. Таа, притоа не мисли само на една страстна вечер, туку се обидува да воспостави вистинска врска за која е потребно нешто повеќе од секс. Повеќето жени сакаат значајни и длабоки љубовни врски.

Секако, постојат исклучоци од правилото, но не заборавајте да се запрашате што сакате од еден маж? Ако сакате стабилност, вашиот начин на заведување не смее да заврши само на заводлива облека и шминка – мора да се трудите да го импресионирате мажот со својот карактер и вредности.

Заведувајте како маж…

… и нема да успеете во тоа! Лесно е да се привлече машкото внимание – само согласете се на секс. Но, постои голема веројатност дека после сексот тој нема да ви се јави за да се видите повторно, бидејќи неговите намери се оствариле а тој продолжува понатаму. Затоа, ако сакате нешто повеќе од секс, треба да го натерате да сфати дека имате да понудите многу повеќе. Вашата цел гледа подалеку од спалната соба, а бидејќи сексот во себе не содржи многу разговор, шансите да ве запознае по само една вечер се многу мали. Сепак, доколку дојде до втор состанок, започнете разговор. Направете да посака да помине повеќе време насамо со вас и нека ве запознае.

Создадете поврзаност

Ако сакате да создадете поврзаност со маж која не е само на физичко ниво, направете да се почувствува различен од другите мажи. Звучи комплицирано, а всушност е многу едноставно. Тајната се крие во „интимниот говор на телото“.

Момците се комплицирано едноставни. Се однесуваат и размислуваат поинаку од жените, па можеби нема веднаш да одговорат на вашиот повик за емоционална поврзаност. Сепак, ако мислите дека вреди, не откажувајте се.

Како да забележи дека врската со него е поразлична отколку со другите? Постојат неколку важни фактори:

Контакт со очите – користете го погледот за заведување и невербална комуникација. Гледајте го со страст. Нека почувствува дека го посакувате само него.

Допир – неочекуван допир на раката при разговор може да предизвика струја низ неговото тело. Допирот кажува многу повеќе од зборот, па искористете го паметно. Начинот на кој го допирате, нека биде различен од допирот на другите луѓе.

Лични разговори – кога разговарате со него, од општите теми полека преминувајте кон полични и поинтимни разговори. Нека се почувствува како најважниот човек на светот. Прашувајте го за животот, проблемите, радостите, нештата што го исполнуваат. Нека зборува за себе. Така создавате блискост без тој да го забележи тоа.

Интимност

Aко интимноста ве плаши, почнете со мали чекори. Мажите имаат поголем страв од неа, па затоа создавајте ја чекор по чекор. Излегувајте заедно што почесто – ќе имате повеќе време и простор да се зближите. Споделувајте интимни моменти или тајни од вашите животи. Најважно од сѐ – бидете му пријателка. Слушајте го, дајте му некој совет и бидете тука за него. Со тек на времето ќе сфати дека почнува да чувствува нешто повеќе од обична физичка привлечност кон вас.

Интимноста е субјективна и индивидуална работа, а различни луѓе имаат различни нивоа на интимност со партнерите или брачните другари. Затоа потрудете се да креирајте ваша сопствена интимност.


Оставете коментар

___