Сигурни сме дека сте слушнале за фиксатор на шминка. Тоа е обично спреј кој се нанесува на лицето откако ќе се нашминкате и служи „да ја држи шминката на место“, спречувајќи да се размачка.
Корисен е за прилики кога треба да изгледате совршено во текот на целиот ден (венчавка, матура и слични прослави). Купечките фиксатори знаат да бидат и поскапи, но добра вест е дека можете да ги направите сами со минимален трошок.
Погледнете го упатството и дознајте како да го спроведете овој „направи сам“ козметички проект.
Потребни материјали:
- празно шишенце со распрскувач
- растителен глицерин
- дестилирана вода
- сад за мерење и лажичка
Упатство:
Измешајте го растителниот глицерин со дестилираната вода во сооднос од 1:3. Ставете го во шишенцето, прoтресете и вашиот фиксатор е готов! Ако сакате да го продолжите рокот на траење (вака може да го користите максимум 2 седмици) можете наместо една мерица вода да користите розова вода или сок од алое вера.
Зошто делува?
Растителниот глицерин има структура на сируп и е леплив на допир. Кога ќе се разреде со вода лепливоста ќе се намали, но структурата и ефектот ќе останат. Во допир со кожата глицеринот ќе се залепи за шминката и на тој начин ќе се фиксира, штитејќи ја од размачкување додека самите не ја отстраните.
Не грижете се, нема да имате чувство на затегнување и лепливост на лицето, бидејќи структурата е лесна и нема да ја оптовари кожата, а ќе ја чува шминката од сите фактори кои може да ја расипат.
Растителниот глицерин нема да ги затвори порите или да направи каков било проблем на кожата. Тој е еден од најдобрите природни навлажнувачи на кожата! Ќе ја потхрани, хидрира и ќе ја направи нежна и мека, а има и одредени антибактериски својства.


You must be logged in to post a comment Login