Едно од најочекуваните филмски продолженија оваа година „The Amazing Spider-Man 2“ доби и официјална музичка нумера. Станува збор за „It’s on again“ во изведба на Алиша Кис и Кендрик Ламар, која за филмот ексклузивно ја напишаа Фарел Вилијамс, Алиша Кис, Ханс Цимер и Кендрик Ламар, а ја продуцираше Фарел Вилијамс. Песната ќе се најде на официјалниот саунтрак на филмот.
Зборувајќи за изборот на песна, режисерот Марк Веб изјави: „Ја баравме вистинската песна со која би го завршиле филмот, која ќе биде весела и возбудлива, а која во себе ќе содржи и лошо претчуство. ’It’s on again‘ е совршена за тоа што ни требаше. Што се однесува до оригиналната филмска музика, ме воодушевија Ханс Цимер и Magnificent Six кои ги искомпонираа музичките теми за ’The Amazing Spider-Man 2‘. Секој режисер сака музиката да биде уникатна токму за неговиот филм, но ова е многу повеќе од тоа, потполно различна од сѐ што сте чуле досега“.
Пејачката Алиша Кис додаде: „Многу сум возбудена бидејќи станав дел од соработката меѓу Кендрик Ламар, Фарел Вилијамс и Ханс Цимер. Ова е ново поглавје на франшизата Спајдермен и навистина веруваме дека песната ’It’s on again‘ го опфаќа ова филмско искуство, приказната и значењето на самиот филм, што е најважно, а сите ние имаме потенцијал да станеме чудесни. Секој од нас на некој начин е супер херој“.
Главниот композитор, Ханс Цимер изјави: „Кога се собравме заедно за да креираме музика за филм, го направиме токму спротивното од она што композиторите обично го прават – прво ги напишавме песните, а потоа од тие песни компониравме музички теми. За овој филм од сѐ срце го прифативме рокенролот и тоа се исплатеше“.
Фарел Вилијамс се надврза: „Ханс компонираше врвна музика и беше многу возбудливо повторно да се работи со него на оваа песна. Кога ја пишував темата, веднаш знаев дека мораат да ја изведат Алиша и Кендрик. Со нив двајца песната стигнува до едно потполно поинакво ниво“.
httpv://www.youtube.com/watch?v=nbp3Ra3Yp74

You must be logged in to post a comment Login