• Сподели на:

Модни правила: Трендови кои денес се задолжителни, а некогаш беа демоде

___

Сетете се како некогаш сте ја коментирале жената која искомбинирала точки, риги и африкански принт, или онаа која носела кафен каиш со црни чизми, црвени панталони со розева маица… Новите трендови денес се толку флексибилни, што конечно можеме да се осмелиме да ги испробаме сите комбинации! Овие модни правила повеќе не важат.

Злато и сребро не одат заедно

Златно и сребрено ланче не одат заедно? Уф, и тоа како одат. Како за ланчињата, истото важи и за бразлетните и прстените, дури и за нитните на торбите, чизмите и облеката.

Вештачкото крзно изгледа ефтино

Вештачките верзии на крзното и кожните јакни се толку добро изработени, што на прв поглед готово е невозможно да откриете дали се работи за вистински материјал или имитација.

Градникот не смее да ѕирка од под маицата

Денес имаме прилика да видиме дека градникот смее да ѕирка од сите страни – од прерамките, до чипката над корпите.

Принт со принт изгледа хаотично

Па, што? Тоа се бара. Широките пантолони со ситен принт и блуза со крупен принт – зошто да не? Овој тренд од пред неколку сезони го започна Стела Макартни, а потоа ѝ се приклучи и цел моден свет.

Едно парче од накитот оставете дома

Ова правило дефинитивно повеќе не важи. Раце накитени со многу прстени, бразлетни… Изгледа совршено! Единствено внимавајте, ако сте се одлучиле за бразлетни, немојте да одберете баш идентични прстени и обратно. Ова правило важи и за ланчињата.

Чевлите и каишот мора да бидат во ист тон

Ова правило настанало кога се подразбирало дека каишот е црн или кафен, но во денешно време со луди текстури, дезени и бои, тоа паѓа во вода.

Бело од глава до пети нема смисла

Белата боја на жената навистина ѝ дава дамски шарм, ласкава е и секогаш е вистинско освежување во морето на „црни“ стилови! Ако со белите панталони и маица искомбинирате бели чевли, марама и накит – за тоа веќе никој нема да ви замери.


Оставете коментар

___