Познато е дека зборовите играат исклучително важна улога во процесот на воспитување. Смислата на зборовите и емоцијата која тие ја носат во нив, децата најверојатно лесно и брзо ја доживуваат. Затоа е исклучително важно што му зборуваме на детето и, како му зборуваме.
Еве неколку клучни фрази, кои секој од нас, како родител, треба да ги употребува во секојдневната комуникација со своето дете. Тие не само што ќе имаат позитивно влијание врз неговиот карактер, туку и ќе ја инспирираат самодовербата кај малиот човек, ќе помогнат во меѓусебното разбирање, и што е уште поважно – ќе помогнат за градење на доверба.
Во овој ред на мисли охрабрувањето и пофалбата имаат исклучително конструктивен ефект. На пример:
– Ти верувам, ти можеш, имам доверба во тебе!
– Не грижи се. Нормално е да згрешиш!
– Одлично се справуваш!
– Не грижи се. Следниот пат ќе успееш. Само треба да пробаш повторно!
– Секогаш можеш да сметаш на мојата помош!
И бидејќи основите на најдобрите манири се поставуваат уште во најрана возраст, за воспитувањето од големо значење е не само начинот на кој го третирате и комуницирате со вашето дете, но и како вие, возрасните, разговарате меѓу себе, каков модел на однесување демонстрирате пред своите деца додека тие не набљудуваат и слушаат од страна. Затоа треба да се потрудиме во речникот на детето почесто да присуствуваат волшебните реченици: “Ве молам”, “Благодарам”, “Извинете”, “Жал ми е”. Во случајот исклучително важен е личниот пример кој им го даваме на децата, бидејќи со тој пример, тие понатаму комуницираат со светот.

You must be logged in to post a comment Login