• Сподели на:

Финансиските кошмари се минато

___

Парите ни причинуваат навистина голем стрес – колку сте потрошиле (уф, сѐ уште закрепнувате по празниците), колку заработувате (леле, не сте ни доволно близу), колку би требало да заштедите (ајдеее, кој би можел тоа да си го дозволи?!)… Но, оваа година време е вие да ја преземете контролата.

 

„Што ако добијам отказ?“

Уф, ова е најголемиот кошмар за сите среќници кои се вработени!!! Сите стравуваме дека шефот еден ден само ќе нѐ повика во својата канцеларија и ќе ни се заблагодари за соработката. Се надеваме дека тоа нема да ви се случи вам, но сепак треба да бидете подготвени на сѐ. А, единствен начин при таквото црно сценарио да останете на нозе е да почнете од својата плата, колкава и да е таа, да издвојувате одреден дел и да штедите се додека не го пополните фондот што, доколку престанете да добивате плата, ќе ви послужи да ги надоместите основните животни трошоци за шест месеци. На тој начин во овој период ќе можете спокојно да се посветите на барањето нова работа, наместо да се прашувате што ќе јадете утре.

 

„Дополнително здравствено осигурување, што ќе ми е таков трошок?“

Да, можеби така делува кога сте млади и здрави и на доктор одите само за годишен гинеколошки преглед и за да ви го отстранат забниот камен. Но, ако нешто не дај боже ви се случи, ќе ви биде жал што не сте двоеле некој денар секој месец. Имено, дополнителното осигурување ги покрива трошоците за сите здравствени услуги, болничко и амбулантно лечење, дијагностички испитувања во болниците, специјалистички стоматолошки услуги, физикална рехабилитација… Замислете дека сте болни и плус треба да плаќате за болничко сместување? Секако дека посакуваме тоа воопшто да не ви се случи, но ако нѐ послушате, ќе може да спиете мирно.

 

„Јас дури и не знам со колку пари располагам.“

Првиот чекор е да го одредите буџетот со кој што можете да живеете. Овде нема одложувања, пресметајте како стоите финансиски. Прво, колку точно пари „легнуваат“ на вашата сметка секој месец. Второ, пресметајте колку трошите месечно и при тоа земете предвид сѐ, од кредитот, киријата, сметките и шопингот, до кафето што го пиете со пријателките. Битно е да не мамите, затоа пресметајте ја реалната состојба. Кога ќе го дознаете тоа, одлучете дека оваа година ќе живеете по правилото 50/30/20, каде 50 проценти се трошоците за основните, животни потреби (кирија, сметки, храна, гориво и сл.), 20 отсто ќе штедите, а 30 проценти ќе трошите на забава (урааа!) – кафе, нови чизми, чоколадо. Така ќе го знаете точно правецот и соодносот на вашите трошоци и ќе направите голем чекор кон денот кога ќе исчезнат сите ваши финансики грижи, верувајте ни.

 

„Зар ќе се ’крпам‘ од плата до плата цел живот?“

Не, нема! Но, ако сакате еден ден да живеете удобно, треба да почнете да штедите од денес. Свесни сме дека тоа и не е така едноставно, но знаеме како да ве мотивираме. Прво размислете каде се гледате себе си откако ќе се пензионирате? На кое месте сте? Дали сте во продавница и им купувате подароци на своите внуци? Или сте на крстарење? Можеби патувате во Рим? За ваквата иднина да се оствари, треба да делувате сега. Распрашајте се за третиот пензиски столб кој го поддржува државата, а во кој можете сами да ја одредите динамиката и износот на продинеси кои ќе ги уплаќате.

 

„До грло сум во долгови. Никогаш нема да ги расчистам…“

Кредитите, минусите, неплатените сметки и другите финансиски катастрофи никогаш нема да ги решите ако продолжите по старо. Но, ако одлучите нешто да направите, еден ден, и тоа не така во многу далечна иднина, ќе можете да кажете: „Збогум долгови“.  Еве неколку идеи од каде да почнете. Прво, дадете ги вашите кредитни картички на мајка ви или оставете ги во фиока, било каде на сигурно место, само немојте да ги носите во новчаникот. Ви честитаме, преминавте во фаза во која располагате само со готовина. Сега пресметајте колку долгови морате минимално месечно да отплаќате. Понатаму, ако добиете пари за роденден од баба ви или го продадете она светкаво фустанче што никогаш не сте го облекле, тие средства можете да ги намените единствено за отплаќање на долгот (никако за нова ташничка!). На овој начин, малку по малку ќе го подмирите долгот на вашата картичка или минусот. Јасно ви е, нели, ќе мора да се откажете од некои работи кои ги сакате, но  шоковите поради пари ќе станат минато.

 


Оставете коментар

___