• Сподели на:

Вежби за полесно празнење на цревата

___

Опстипацијата или тврдата столица е честа појава кај луѓето кои малку и нередовно се движат. Отсуството на спортска или друга физичка активност не само што придонесува кон дебелеење и низа други психосоматски заболувања, туку најчесто создава опстипација.

За среќа, оваа непријатна состојба која може значително да го намали квалитетот на животот на човекот, освен со правилна исхрана, може да се ублажи, па дури и сосема да се елиминира со практикување неколку едноставни вежби. Најдобро е овие вежби да ги правите дома, откако наутро ќе се разбудите, но нивното дејство е благотворно ако се применуваат и во текот на денот. Времетраењето на една серија вежби е 15-20 минути.Тие треба да се изведуваат без брзање.

Откако ќе се разбудите наутро, изедете некое сезонско овошје (но, не банани и сушено овошје). Потоа напијте се кафе (македонско) или чај и почнете со вежбите.
Легнете на килимот и свиткајте ги колената така што стапалата да ги кренете од подот. Потоа, со двете раце опфатете ги колената и допрете ги до челото.Останете во таа положба неколку секунди.

Додека лежите на подот истегнете ги рацете над главата колку што е можно повеќе и повторете ја вежбата со свиткани колена.

Повторно истегнете го телото, а потоа свртете се на левата страна и повторете ја вежбата со свиткани колена до челото (слично на фетална положба). Повторете го ова и со вртење на десната страна.

Опуштете се и неколкупати вдишете и издишете.

Свиткајте ги колената така што стапалата да бидат на подот. Рацете поставете ги на градите. Потоа поткренете го трупот се додека почувствувате затегање во пределот на стомакот. Останете неколку секунди во оваа положба и повторете ја уште двапати.

Свртете се така што ќе лежите на стомак со рацете испружени над главата. Неколку пати обидете се да ги поткренете рацете од подот.

Станете, истегнете се во исправена положба, а потоа клекнете. Останете во оваа положба неколку секунди и повторете ја уште двапати. Оние коишто чувствуваат дека можат, нека се обидат да одат во клекната положба, така што со рацете ќе се придржуваат за подот.

Ако по овие вежби изедете здрав појадок во кој има доволно целулоза (овесна каша, проја, корнфлекс со јогурт, сендвич со младо сирење и салата…), ќе ја интензивирате перисталтиката на цревата и нивното празнење ќе биде полесно и поредовно.


Оставете коментар

___