Вежбате околу половина час, а веќе сте целите испотени и почнувате да се чувствувате уморно. Се прашувате во што е проблемот? Еден од највообичаените одговори е дека почнувате да ги чувствувате првите симптоми на дехидрација.
Правилната хидрација е важна за секое живо суштество, па така и за човекот во чиј состав се содржи во просек околу 70 % вода. Водата во организмот го одржува животот на клетките и правилната работа на органите, а нејзиниот недостаток се манифестира првично со симптоми како жед, вртоглавица, исцрпеност, главоболка, намалена концентрација, и подоцна кога веќе здравјето е доведено во прашање со омалаксаност, топлотен удар, несвестица, па во крајни случаи и смрт предизвикана од дехидрација. Ова што не смее да се заборави е дека кога чувствуваме жед дехидрацијата веќе настапила, т.е. дека треба да пиеме вода постојано, пред да се почувствуваме жедни.
Во нормални услови, на човековиот организам му требаат два литра течности дневно, како што се незасладените чаеви, сокови минерална вода и супа. Покрај ова, можеме да ги земеме во предвид и продуктите кои ги внесуваме во секојдневната исхрана, а кои можат да содржат и до 20-30% вода.
Спортистите пак, се посебна приказна. Тие се изложени на напорни тренинзи, на кои може да се случи да изгубат и по 4 кг вода. Некогаш се сметало дека треба да се избегнуваат течности за време на тренинзите, додека денес важи правилото дека хидрацијата не смее да се запостави. Докторите препорачуваат внесување на мали голтки вода во повеќе наврати, за да не дојде до дехидрација пред се, а потоа и за да имаат подобри резултати.
Колку вода е доволно?
Пред тренингот:
Напијте се една до две чаши вода два часа пред да вежбате. Потоа испијте половина или една чаша непосредно пред тренингот.
За време на тренингот:
На 15 до 20 минути напијте се по половина или една чаша вода. Иако на почеток може да ви изгледа премногу, со тек на време ќе воспоставите рутина, така што вашиот стомак ќе се навикне на течностите.
По тренингот:
Ова е време кога треба да ги надокнадите течностите кои сте ги изгубиле. За секој половина килограм течност што сте го изгубиле треба да надокнадите со две чаши течности. Доколку ги броите калориите, на секои 1000 изгубени калории, потребно е да испиете еден литар вода.
Совет +
Запомнете дека дехидрацијата може да се јави и при ладни температури – температурата на вашето тело се покажува, а течностите ги губите преку топењето. Затоа не ја занемарувајте хидрацијата, без разлика на температурите.
Освен обичната вода, консумирајте свежо овошје и зеленчук, риба, бело пилешко месо и многу супи, но никако не претерувајте со солта бидејќи така ги преоптоварувате бубрезите.

You must be logged in to post a comment Login