Пластичниот шарен обрач е доволен за впуштање во авантура која гарантира цврст стомак и до пет сантиметри потесен струк за само неколку недели.
За многумина можеби е само уште една детска играчка, но хулахопот на забавен начин може да ги реши проблемите со наталожените килограми околу стомакот, да го намали обемот на струкот и да ги зацврсти бедрата и задницата. Тренингот може да трае само десетина минути, не бара одреден термин ниту посебен простор.
Вртењето на хулахоп согорува 7 калории за една минута, односно за половина час ќе стопите околу 300 калории во зависност од интензитетот на вежбите. Хулахопот не е само одлична активност за намалување на килограмите туку ја подобрува и рамнотежата и моторните способности, го зацврстува грбот, задникот и нозете, развива чувство за ритам и го намалува стресот.
Лесно се почнува со неколку вртења, а со текот на времето расте и мотивацијата што подолго да се задржи обрачот околу струкот. За почетниците најдобар избор е поширокиот хулахоп, а како ќе напредувате во вежбањето набавете си потесен обрач. Ако станете супервешти, ќе може да се „заиграте“ и со неколку обрачи.
Вежба за обликување на струкот
Застанете расчекорени околу 20 сантимтери и подигнете се на прсти. Во ваква положба вртете го хулахопот околу струкот и одржувајте го темпото на вртење десетина минути. Направете ја вежбата наутро и навечер.
Вежба за зацврстување на задникот
Застанете расчекорени и почнете да го вртите хулахопот, а потоа со забрзан ритам спуштете го на колковите и вртете напред и назад зголемувајќи го темпото. Дозволете хулахопот да се лизга до задникот а потоа обидете се да го вратите со исто темпо во висината на струкот. Вака ќе ги ангажирате сите мускули. Повторете ја вежбата по 10 минути наутро и навечер.
Ако никогаш не сте се обиделе да вртите хулахоп, еве едно видео за почетници кое ќе ви помогне да ги научите основните вештини и да го засакате овој вошебен пластичен обрач.

You must be logged in to post a comment Login