Позитивниот начин на размислување влијае на тоа како ја доживуваме болката, тврдат научниците од британскиот Универзитет Рединг.
Само со пет минути когнитивно бихевијорална терапија која се служи со позитивни мисли, болката се намалува за 60%.
Научниците со помош на термални сонди кај испитаниците од 21 до 38 години предизвикале болка, со тоа што дел од испитаниците биле подложни на когнитивната терапија. Оние кои биле на третманот за позитивни мисли чувствувале до 58% помалку болка отколку оние од контролната група, потврдило истражувањето.
Во склоп на студијата испитаниците исто така доживеале секундарна хипераглезија, ширење на болката во подрачјето на телото, околу раната.
Кај луѓето кои се лечеле со позитивни мисли, болката се намалила за 38%, додека кај останатите се зголемила за 8%.
Когнитивно бихевијоралната терапија го менува начинот на кој мозокот ја доживува болката. Тоа би можело во голема мера да им помогне на лицата со хронично заболување – истакнал др. Тим Саломонс лидерот на студијата.

You must be logged in to post a comment Login