Се почесто слушаме како родителите изјавуваат дека со своите деца имаат пријателски однос и притоа мислат дека тоа е идеален однос. Меѓутоа, психолозите објаснуваат дека пријателскиот однос помеѓу родителите и децата може да се прифати како нешто добро само ако тој значи дека мајката и таткото поминуваат многу време со децата, отворено разговараат и се блиски.
Родителите треба да бидат фигури од авторитет, бидејќи на децата им е потребно некој да ги води и усмерува.
Но родителите и децата не треба да бидат пријатели бидејќи пријателскиот однос подразбира еднаквост и реципроцитет, што не е карактеристика на односот родител-дете. Тој однос не е симетричен – велат психолозите и оценуваат дека родителите треба да ја задржат позицијата на авторитет.
Авторитетот не значи дека децата треба безусловно да ги слушаат и да ги извршуваат наредбите од родителите. Најдобро е родителството каде освен силната контрола постојат и емоционална топлина, љубов и поддршка. Од таквиот однос децата стануваат креативни, сигурни во себе и одговорни.
За разлика од тоа, строгиот надзор на родителите без емоционална поддршка создава несигурно и агресивно дете кое премногу удоволува на авторитетот.

You must be logged in to post a comment Login