Оралната контрацепција во основата содржи хормони, а нивното присуство често може да предизвика несакани дејства кои можат да варираат од малку непријатни до доволно вознемирувачки што веројатно би ве натерале да размислите дали сакате да го промените средството за контрацепција кое го користите.
Секој реагира различно, па затоа секоја жена треба самата да ги проба за да знае како ќе реагира и дали може да ги толерира несаканите дејства. Погледнете кои се најчестите несакани појави и дали постои начин на кој можете да ги решите овие проблеми. Наведените проблеми се 5 најчести несакани дејства, кои имаат благи ефекти, но доколку сметате дека кај вас се јавуваат посериозни проблеми кои ви го попречуваат секојдневното функционирање консултирајте се со вашиот гинеколог.
Вртоглавица, главоболка и чувствителност на градите
Доколку се јават овие симптоми бидете трпеливи. Кај некои жени потребно е да ја земаат терапијата некое време за телото да се навикне е овие симптоми да исчезнат. Доколку состојбата не се смени и по подолг временски период, консултирајте се со доктор и променете го брендот. Доколку реагирате исто на повеќе контрацепциони пилули, веројатно оралната контрацепција не е за вас.
Лошење
Оваа реакција исто така би требало да исчезне по првите неколку месеци. За да ја ублажите можете пилулите да ги земате со храна. Доколку и по неколку месеци лошењето продолжува, размислете за менување на контрацепциониот метод.
Крвавење меѓу циклусите
Веројатно ова несакано дејство ги вознемирува жените повеќе од другите несакани дејства бидејќи е непредвидливо. Може да помогне доколку ја земате пилулата секој ден во исто време. Ова се јавува почесто кај пилулите кои содржат прогестин бидејќи тој ги прави ѕидовите на матката потенки, така што може да се случи протекување на крв. Од друга страна пак тоа го прави вашиот месечен циклус со послаб интензитет, а во некои случаи и целосно исчезнува.
Доколку сте загрижени за малото количество на крв кое се јавува меѓу циклусите зборувајте со вашиот доктор. Можеби ќе ви препише некој лек против воспаленија како ибопруфен, или пак некоја мала доза на естроген.
Намалено либидо
Доколку се јави овој несакан ефект, обидете се да ги промените пилулите со други со поинаква формула. Кај некои жени либидото се враќа кога ќе употребат поинакви пилули, но доколку ни тоа не успее размислете за поинаков метод.
Промени во расположението
Доколку пилулите се вистинската причина за промените во вашето расположение, можеби треба да размислите за тоа дали воопшто треба да користите хормонална терапија. Кај некои жени помага менувањето на пилулите со други со поинаква формула, но кај некои било каква хормонална терапија е проследена со промени на расположението и депресија. Доколку и покрај ова сте цврсто решени да продолжите со терапијата, зборувајте со вашиот гинеколог околу можноста за препишување на антидепресиви.

You must be logged in to post a comment Login