Сте започнале врска со нова личност и се соочувате со одредена несигурност – сепак тоа е некој што допрва треба подобро да го запознаете. За да си обезбедите подобри шанси за долга и стабилна врска на почетокот гледајте да ги одбегнете следниве грешки.
1. Наметнување
Уште сте на почеток, а почнувате многу отворено да се наметнувате и со тоа станувате напорни. Колку и да сакате да ги забрзате работите нема да сторите ништо добро доколку непотребно форсирате. Запознавање родители, наметнување во неговото/нејзиното друштво е нешто што не би смееле да го правите. Препуштете се на спонтаноста и видете на каде води вашата врска.
2. Се сомневате во сè
Тоа што не го познавате човек доволно, не значи и дека треба сите негови/нејзини активности да ги сметате за сомнителни и веднаш да почнете да ја проверувате нивната вистинитост. Во ред е да бидете резервирани, но имајте предвид дека таа личност има свои пријатели, навики, карактеристики за кои не знаете доволно. Дури кога ќе знаете доволно за него/неа можете да ги процените ситуациите во кои е разумно да се сомневате во постапките и разговорите.
3. Поранешните стравови и грешки ги проектирате на новата личност
Имате болно љубовно минато и чувствувате страв дека и оваа личност ќе ви го стори истото, па затоа сите стравови ги проектирате врз неа. Грешката е што мислите дека еден човек е идентичен со друг. Кој вели дека минатото мора да се повтори? Не треба да дозволите едно разочарување да ви ја уништи иднината.
4. Жестоки расправии за неважни работи
Постојат работи за кои треба да држите до својот став, но мора да направите добра проценка за работите за кои е во ред да влегувате во жестоки дискусии и оние кои се комплетно неважни, но затоа се симбол на вашата тврдоглавост. Ако започнете врска во која уште веднаш се присутни жестоки расправии што непотребно создаваат тензија, таа нема да има здрава основа и веројатно ќе се распадне.
5. Преголемо внимание
Постои такво нешто како преголемо внимание. Среќни сте, ве преплавуваат емоции, но тоа не значи и дека треба 24/7 да сте заедно. Внимавајте да не ја загушите личноста со премногу внимание и да станете напорни. Не е лоша идеја да оставите мала доза мистерија на почетокот.

You must be logged in to post a comment Login