Дали сметате дека сте неодлучни? Ви треба ли секогаш многу време за да донесете некоја одлука и тогаш не стоите цврсто на неа? Неодлучноста е честа болест на многу луѓе бидејќи при донесување на одлуката имаме тенденција да ги разгледуваме и двете опции “да-не”.
При донесување на одлуки може да паднеме во стапицата на “тесна рамка”. На пример, не сме задоволни со работата која ја работиме. Не ни одговара начинот на кој се одвиваат некои нешта, условите и слично. Прашањето кое си го поставуваме е дали да дадеме отказ или не. Во суштина си задаваме многу тесна рамка во која може да делуваме, а вистината е дека имаме и други опции. Може да разговараме со претпоставениот за подобрување на условите за работа, да дадеме некои предлози и да се обидеме самите да си го направиме работното место подобро. Да се даде отказ може да биде крајно решение, но за да донесеме толку драстична одлука, најнапред може уште еднаш да размислиме за неколку опции. Важно е да се размислува за проблемот и да се бараат потенцијални решенија за да се излезе од таа рамка, не размислувајќи само со термините “да-не”, туку да бидеме покреативни во пронаоѓање на сите можни решенија.
Големи и мали одлуки
Во позадината на големите и малите одлуки се наоѓаат многу слични процеси. Дали треба да се одлучи што ќе се јаде тој ден за ручек или да се преселите во некој друг град, треба да ја темелиме одлуката врз основа на информациите кои ни ги дава нашето тело. Тоа се нашите инстинкти и емоции. Најдобро е да ги послушате вашите емоции, односно “она внатрешно чувство”.
Метод на надворешен избор
Кога бирате измеѓу две работи кои ви се допаѓаат, ќе ви помогне методот на надворешен избор. Тој метод може да го користите и кај големите и кај малите одлуки. Напишете ги изборите на посебен лист хартија, измешајте ги во сад или шешир и она ливче кое ќе го извлечете ќе биде решение на вашите дилеми. Кога ќе го извлечете решението, ќе почувствувате или задоволство или разочарување. Односно, вашите емоции ви го кажуваат она што го сакате. Кај овие техники важно е дека почнувате со идеата дека ќе направите онака како што е запишано на ливчето. Друга можност е да се запрашате што би ја советувале вашата пријателка и во таа ситуација го добивате одговорот.
Дали постојано грешите?
Често ни се случува истите грешки да ги правиме отпочеток и никако да научиме. Грешките во одлучувањето како што се “тесните рамки” и одлучување под силни краткотрајни емоции ни се случуваат автоматски. Решението е во создавање на процес со помош на кој донесуваме важни одлуки. Во одлучувањето е важно секогаш да ја гледаме пошироката слика и последиците кои некои одлуки може да ги имаат. Треба да одлучиме дури кога знаеме како да се справиме со разни потенцијални последици. Секако дека понекогаш е добро да се ризикува, но само кога ризикот е во прифатливи граници и не штети на другите.

You must be logged in to post a comment Login