Чарли Чаплин во една прилика рече дека филмовите се само минлив тренд. Њу Јорк Тајмс во 1936. објави натпис во кој тие напишаа дека ракетата никогаш нема да може да ја напушти Земјината атмосфера. Варајати во 1955. мудри заклучи дека рокенролот ќе исчезне до летото истата година.
Накратко, предвидувањето на иднината никогаш не е премногу исплатлива работа, а кога станува збор за технологијата, работите дополнително се комплицираат поради брзината на развојот на нештата. Меѓутоа, многумина сè уште се обидуваат, а многу често се работи за забавни текстови кои понекогаш вреди да се прочитаат.
Истражувачкиот центар Пју, во соработка со Универзитетот Елон, започна едно интересно истражување чија цел е да се предвиди како ќе изгледа нашиот живот на интернет во 2025 година. Истражувањето има дополнителна тежина, бидејќи се работи за предвидувања од страна на научници и академци.
Ќе заборавите дека Интернет воопшто постои
Интернетот и компјутерската комуникација во целина, ќе станат уште поширока појава и на тој начин ќе се претворат во нешто што воопшто нема да го забележуваме.
Дејвид Кларк од МИТ изјави: “Интернетот ќе се вклопи во позадината на сè она што го правиме”, а професорот Џо Тач се сложи со него, додавајќи: “Повеќе нема да размилуваме за одење на интернет. Едноставно постојано ќе бидеме онлајн”.
Интернетот ќе биде подобар од било кој наставник
Со Википедија и Кан академијата, интернетото во моментов обезбедува незамислив пристап на информации. Многу научници сметаат дека таквите извори на информација со време ќе станат сè подобри, притоа создавајќи еднакви можности за секого.
Хал Вариан од Гугл верува дека најголемото влијание кое интернетот го има е универзалниот пристап до човековото знаење. Можеби најпаметната личност на светот, во моментов се наоѓа на поле во Индија или Кина. На овој начин им се овозможува и на таквите луѓе да дојдат до информации, што би можело да има огромно влијание врз развојот на човечкиот род.
Интернетот ќе ги потврди зборовите на Орвел
Хонг Хју од Универзитетот Пекинг Нормал, не е толку оптимистичен, туку се навраќа на познатите и помалку мрачни предвидувања. Поточно, тој тврди дека луѓето во иднина ќе живеат во “транспарентен свет како оној во книгата 1984 на Џорџ Орвел”.
Многумина како него сметаат дека со позитивните аспекти на развојот доаѓа и можноста за зголемена дискриминација и маргинализација, што на оние кои се на власт ќе им даде можност на угнетување преку институциите.
Тешко ќе го пратиме развојот на интернетот
Филозофот и теоретичар за комуникации Маршал Меклуан еднаш рече: “Ние ги обликуваме нашите алатки, а со самото тоа нашите алатки не обликуваат нас”. Многу од соучесниците на ова истражување се сложуваат со него, бидејќи постои оравдан страв дека нема да бидеме во можност навремено да ги препознаеме потенцијалните последици и замки од она во што учествуваме.
“Информациите кои ги бараме, со време ќе бидат полесно достапни, а притоа мрежата ќе учи како прецизно да ги предвиди нашите интереси и слабости. Тоа ќе не спречи да пребаруваме и значително ќе ги стесни нашите хоризонти”, изјави еден од соучесницие кој сакаше да остане анонимен.
Интернет наспроти географија
“Во моментот кога секој човек на оваа планета ќе има можност да придонесе за луѓето на другиот крај на светот и да комуницира со нив, моќта на нациите и државите да ги контролираат луѓето во нивните географски граници, ќе биде намалена”, изјави Дејвид Хјуз, еден од пионерите на телекомуникациите.
Со интернетот ќе бидеме осамени
Боб Бриско од Бритиш Телеком е загрижен за природата на модерната комуникација. Тој тврди дека нашата интеракција ќе стане сè повеќе површна и тешка за одржување. Другите веруваат дека глобалната поврзаност ќе доведе до локална изолација. Накратко, “глобално село” може да има предност, но таа предност има цена.
Можеби интернетот воопшто нема да постои
Пензионираниот софтверски инженер Роберт МекГрат смета дека постои можност интернетот воопшто да не постои. Всушност, сајбер нападите би можеле да го уништат World Wide Web, а резултатот од таквиот напад би можел да биде пропаст на целокупната светска економија.




You must be logged in to post a comment Login