• Сподели на:

Подгответе го телото за бебе

___

Седум чекори до здрава бременост

За да ви поминат бременоста и породувањето без компликации, поведете сметка за своето тело пред да забремените.

1. Направете систематски преглед

Дури и ако сметате дека сте потполно здрави, би требало да направите лабораториски испитувања на крвта и урината, и да ги исконтролирате забите.
Доколку боледувате од хронични болести, како што се дијабетес, астма, епилепсија или висок крвен притисок, прашајте го лекарот кои прегледи треба да ги направите.

Со прилагодување на терапијата и со постојан надзор од лекарот што го следи основното заболување, и со гинекологот за ризични бремености, овие болести не се пречка за бременоста.

2. Преконтролирајте ги репродуктивните органи

Направете Папаниколау тест, цервикален и вагинален бактериолошки брис, а потоа и брис за кламидија и други микроорганизми кои можат да бидат причина за неплодност или кои го зголемуваат ризикот од вонматерична бременост и проблеми во развитокот на плодот.

Побарајте и колпоскопски преглед на грлото на матката, којшто заедно со Папаниколау тестот е сигурен показател за здравјетона грлото на матката, како и ултразвучен преглед на репродуктивните органи којшто ќе ја покаже состојбата на матката и јајниците. Ако вие или вашиот сопруг некогаш сте имале некоја полова болест, за тоа задолжително известете го гинекологот.

Внимателно со лековите

Важи општото правило, дека во периодот пред и во текот на бременоста не би требало да земате никакви лекови на своја рака. Доколку сте на некаква терапија, поразговарајте со лекарот за тоа какво влијание може лекот да има на вашата бременост. На пример, после терапија со лекови против акни, од групата на изоретиноини, не смеете да забремените барем шест недели. Доколку сте пиеле некој лек пред да дознаете дека сте бремени, важно е да го известите лекарот за видот, количеството, дозата и комбинацијата на лекови, како и колку долго сте го земале лекот.

3. Престанете да користите контрацепција

Престанете сoземање на хормонски таблети и оставете да поминат барем два циклуса пред да се обидете да забремените.
Ова не е задолжително, бидејќи до нормални бремености доаѓа и веднаш по престанокот на користењето на контрацептивните средства, но ако веќе планирате бременост, обезбедете си барем неколку нормални циклуси.

Кога циклусот ќе ви се стабилизира, полесно ќе ви биде да забремените, бидејќи попрецизно ќе ги предвидите плодните денови, како и терминот за породување.

4. Заштитете се од заразни болести

Доколку не сте прележале рубеола или варичела, вакцинирајте се пред бременоста. Ако случајно сте изложени на поголем ризик поради контакт со крв, задолжително вакцинирајте се против хепатитис Б.

Со вакцинирањето се смалува ризикот од инфекција во бременоста, кое понекогаш е опасно за плодот, но од вакцинацијата до обидот за забременување мора да помине најмалку три месеци.

5. Не заборавајте ја фолната киселина

Ако планирате бременост, барем три месеци пред да забремените треба да земате пет милиграми фолна киселина дневно. Овој витамин е неопходен за правилен развиток на нервниот систем на плодот и за создавањето на црвените крвни зрнца. Недостатокот од него во некои случаи го зголемува ризикот од појава на вродени мани на плодот, „дефект на невралната цевка“, и доведува до смрт или тешка инвалидност на детето.

6. Ако е потребно, ослабете

Доколку имате вишок од килограми, би требало да ослабите пред да се решите за бременост. Имено, дебелината го зголемува ризикот од покачен притисок и покачен шеќер во бременоста.

Меѓутоа, таа понекогаш е и знак за полицистични јајници и поретки овулации, а тоа се  проблеми кои треба да ги корегирате пред бременоста. Затоа, закажете преглед кај ендокринолог за да ги проверите хормоните на штитната жлезда и јајниците.

7. Отфрлете ги штетните навики

Алкохолот, цигарите и кафето се лоши навики од кои треба да се ослободите пред бременоста. Докажано е дека децата на мајките што пушат во бременоста имаат помала телесна маса и дека подоцна во животот се склони на белодробни и алергиски заболувања.

Што се однесува до кафето, агенциите за стандарди во исхраната препорачуваат максимален внес до 300 мг дневно, односно, три шолји. Претерувањето со кафето во некои случаи предизвикува контракции, раздразливост, покачен притисок, несоница, па дури и спонтан абортус. Кога се обидувате да зачнете, избегнувајте го алкохолот.


Оставете коментар

___