• Сподели на:

Како до побрзо зачнување

___

Многуте информации и совети во врска со забременувањето понекогаш делуваат збунувачки за паровите кои за првпат се судираат со темата зачнување, но факт е дека некои од нив може да имаат пресудно значење за создавањето на нов живот. Иако не постои магична формула за правење на бебе, придржувањето кон следниве совети за време на секс може да ви ги зголеми шансите што поскоро да станете мајка:

  • Сè е до тајмингот. Жените се раѓаат со 1-2 милиони јајце клетки, но само 300-400 од нив ќе бидат ослободени за време на овулација. Најчесто јајниците ослободуваат само по една созреана јајце-клетка месечно. Во месецот има само неколку плодни денови кога спермата може да ја оплоди јајце-клетката (најчесто тоа се од 11. до 14. ден по почетокот на циклусот). Откако јајце-клетката ќе биде ослободена од јајникот таа го започнува својот пат низ фалопиевите туби (јајцеводите) кон матката и е способна за оплодување само 12-24 часа. Ако не биде оплодена во тој период, таа се ресорбира во матката и можноста за бременост се губи до следниот месец, кога истиот процес започнува повторно. Поради тоа, од клучно значење е да знаете кога се вашите плодни денови, т.е. кога сте во овулација.
  • Секс пред, а не по овулацијата. Многу парови грешат кога чекаат да се случи овулацијата, а потоа да имаат интимен однос. Шансите за забременување се поголеми доколку имате секс неколку дена пред овулацијата, затоа што спермата може да живее во репродуктивниот тракт на жената 3-5 дена, но најчесто околу 72 часа. Повеќето специјалисти се согласуваат дека имањето секс за време на трите дена пред овулацијата, денот на овулацијата и денот по неа е најдобрата стратегија за забременување.
  • Имајте секс често, но не и пречесто. Точно е дека редовниот секс го подобрува квалитетот на спермата, но секојдневниот секс го намалува бојот на сперматозоиди, а со тоа и шансите за бременост. Повеќето експерти препорачуваат додека се обидувате да зачнете да имате секс секој втор ден. На тој начин и ќе се задржи бројот на сперматозоиди висок, а освен тоа, нема да ги пропуштите плодните денови.
  • Избегнувајте ги лубрикантите. Иако лубрикантите го прават сексот поудобен, зголемувајќи ја влажноста на вагината, тие можат да ги намалат шансите за бременост. Повеќето лубриканти влијаат врз подвижноста на сперматозоидите и ги спречуваат истите да стигнат до целта. Исто така, хемикалиите кои влегуваат во составот на лубрикантите убиваат дел од сперматозоидите. Дури и плунката влијае врз подвижноста на сперматозоидите, па добро е да го избегнувате и оралниот секс пред интимниот однос. Доколку се обидувате да зачнете, избегнувајте ги вештачките лубриканти. Вашето тело создава свои природни лубриканти – цервикална слуз која е идеална за транспортирање на спермата.
  • Изберете поза за зачну вање која овозможува длабока пенетрација. Иако е потребен само еден сперматозоид за да се оплоди јајце-клетката, најдобрата тактика за зачнување е зголемување на бројот на сперматозоиди кои ќе стигнат до неа. Сперматозоидите патуваат низ цервикалната слуз без разлика на сè, но експертите се согласуваат дека некои секс пози им помагаат да стигнат до целта повеќе од други. Се препорачуваат мисионерската и кучешката поза, како и позата во која двајцата партнери се легнати настрана.
  • Засакајте го утринскиот секс. Раните утрински часови не само што го зголемуваат нивото на тестостерон кај мажите, туку и бројот на сперматозоиди кај нив е поголем отколку навечер. Поради таа причина, сексот во утринските часови ги зголемува вашите шанси за зачнување. Иако постои веројатност да задоцните на работа, барем ќе доцните со насмевка на лицето.
  • Избркајте го стресот и релаксирајте се. Многу жени сметаат дека зачнувањето ќе се случи веднаш по првиот обид. За жал, реалноста е малку поинаква. Дури и најздравиот пар има само 20-25% шанси да зачне во текот на еден месец. Најчесто ние жените по неколку неуспешни обиди се преплавувавме со негативни емоции, а тоа ни носи дополнителен стрес. Стресот е една од причините за отсуство на овулација кај жените. Иако тој сам по себе не влијае на процесот на зачнување, самото отсуство на овулација може да го одложи зачнувањето. Не дозволувајте сексот да ви премине во обврска и да ви создава стрес и фрустрации секој месец. Сексот за зачнување треба да ве исполни со љубов и почит, а не да ве оддалечи од нив.
  • Женскиот оргазам помага. Иако женскиот оргазам не е пресуден кога се обидувате да зачнете, тој може да помогне. Мускулните контракции на матката за време на оргазам помагаат спермата побрзо да биде повлечена кон созреаната јајце-клетка.
  • Зачувајте го пенисот во вагината по ејакулацијата. Чувањето на пенисот во вагината додека не исчезне ерекцијата може да помогне за да се спречи истекувањето на спермата.
  • Лежете на грб 20 минути по завршувањето на сексот. Лежењето не е само за мрзеливите. За сперматозоидите да го пронајдат својот пат и да стигнат до јајцеводите потребни се околу 20 минути. Иако науката не го потврдува, специјалистите ги советуваат жените кои се обидуваат да забременат да лежат околу 20 минути по сексуалниот однос со перница поставена под колковите. Лежењето на грб го намалува ризикот од истекување на спермата од вагината. Затоа, не скокајте од креветот веднаш по ејакулацијата на партнерот трчајќи кон бањата. Дозволете гравитацијата да ви помогне да станете родители.

Оставете коментар

___