• Сподели на:

Животот покрај дечкото-манипулатор ми се претвори во пекол…

___

Мојот поранешен дечко не студираше на Драмски, но доколку желбата му беше да стане актер, мислам дека ќе немаше никаква препрека на неговиот пат.

Zivotot-pokraj-deckoto-manipulator-mi-se-pretvori-vo-pekol-01_copy.jpg

Непредвидлив лажго со скриена манија за целосна контрола. И јас „паднав“ на неговиот шарм.

И го сакав, т.е. мислев дека го сакам.

Како и да е, доброто е што конечно заврши и некако успеав да се отплеткам од таа пајакова мрежа која ја плетеше околу мене.

Еве како од прилика изгледа да имате дечко манипулатор:

Некои денови со него беа супер, а некои катастрофални, сè во зависност од неговото расположение.

Доколку тој имаше одличен ден на работа, ме опсипуваше со љубов и внимание, во спротивно, се чувствував како да му ги влечам зборовите со клешти.

Нашата врска навидум изгледаше како и секоја друга, имавме подеми и падови, но погодете што?

Сите тие амплитуди ги диктираше тој.

Дечкото-манипулатор имаше совршено добар речник на изразување, знаеше точно што треба да каже и начинот како треба да го изговори.

Знаеше што сакам да слушнам, па кога и да почувствуваше дека се оддалечувам, ми даваше буквално коски третирајќи ме како мало залутано кученце со зборовите: „Толку те сакам, зарем не гледаш колку си ми потребна?“

И јас наседнував, секој можен пат.

Во меѓувреме, јас се трудев. Вложував напори да ја одржам врската, додека тој седеше на тронот и ме манипулираше правејќи се жртва.

Чувствував дека постојано нешто грешам, но не можев да сфатам што. Сега сфаќам дека единствената грешка е што сум му посветувала време и внимание на таков човек, кога требало да бегам.

Мојот живот се вртеше околу него. Кога ми пружаше внимание бев среќна, кога ме игнорираше се чувствував безнадежно, како да не вредам ништо.

Мислам дека тој го знаеше тоа. И уживаше во таа парада.

Тој го контролираше моето однесување. Можеби сакаше да ме тестира колку можам да издржам. И еве, конечно го доби одговорот.

Никој од моите пријатели не сакаше да биде во негова близина. Мислам дека го намирисаа неговиот лажен однос и тоа ги иритираше, како и фактот што не можеа да сфатат зошто и покрај сè, сум со една таква ужасна личност.

Ми сервираше лаги, а јас упорно барав репете.

Во неговиот речник го немаше зборот компромис. Мораше да биде по негово или никако поинаку.

Не нудеше никакви аргументи и објаснувања зошто не сака да се согласи со мене во врска со сите прашања, но еве го пострашното нешто – јас никогаш не ги ни побарав.

Се плашев дека ако почнам отворено и гласно да го прашувам, ќе го изгубам.

Живеев во страв, и тоа е вистината. Бев емоционално злоупотребувана.

Еден ден ќе ми кажеше дека бескрајно ме сака, а веќе следниот си играше со моите нерви и ќе ми сервираше некоја реченица од типот: „Немаш сè што барам кај една жена“.

Живеев со стравот дека едно утро ќе се разбуди и едноставно ќе ми раскине. Сега се молам навистина да го направеше тоа.

Ги носеше сите одлуки, тој едноставно ја имаше целосната контрола, иако однадвор не изгледаше така. Бев како оние фигури во куклена претстава, се движев онака како што тој го мрдаше конците.

Чувствував како снемувам воздух и слобода, а тој сепак наоѓаше начини да направи да се чувствувам бедно и понижено, како тој да е жртвата во целиот процес, како тој да е несреќникот, а јас виновникот. За сè.

Не знам како успеав да се разбудам од тој хипнотизиран кошмар. Само знам дека конечно ми прекипе и еден ден му ги изнакажав сите овие зборови. И едноставно си заминав.

Но неговото манипулирање не застана таму.

Почна да ме бара, да ме опсипува со внимание и да ме преколнува да му простам, бидејќи неговото однесување се должело на несигурностите и недовербата која ја носел со себе.

Но ете, сфатил, јас сум била поинаква од другите и сум му толку многу потребна. Дека не може да живее без мене, дека ќе се смени.

Секако дека нема да се промени. Таквите луѓе никогаш не се менуваат.

Не вложив ниту малку напор, ниту тронка размислување околу тоа дали ја зборува вистината.

Не ми беше гајле. Битно ми беше што целиот тој циркуз заврши и јас бев слободна.

Сè што можев да се надевам е дека некоја кутра девојка нема да налета на овој манипулатор и дека конечно сум научила една важна лекција.


Оставете коментар

___