• Сподели на:

Викенд љубов? А, можеби и не…

___

Милион пати сум рекла и уште еднаш ќе повторам, треба да напишам еден роман за љубовниов живот. Не еден, туку 10, а можеби и 20 како што ми тргнало досега.

vikend-ljubov-a-mozhebi-i-ne-001.jpg

Замислете да премолчувате тајна наклонетост кон некого околу 6 години и по 2 полни години исчезнување, таа личност да се појави и да ви каже дека тоа чувство ви било заедничко околу 4 години. Приказна од филмовите нели?

За да бидат уште повеќе филмски работите, замислете дека таа личност е дојдена на викенд и следното доаѓање е за околу 2 месеци.

Вечер е, таа е излезена со другарка ѝ и тогаш влегува тој. Го забележува, молчи и тивко отпива голтка од последното пиво за таа вечер. Го гледа, ги гледа неговите очи и неговите спонтани движења.

Се смее. Тивко се насмевнува како срна и го премолчува како што го молчи последниве 6 години. И се убедува, се убедува дека тој никогаш не би ја погледнал. Ама, различно е што тој сега ѝ возвраќа.

Паѓаат на муабет, уште неколку пива почестени од негова страна, една текила помеѓу, неколку прегратки овде-онде, неколку миризби од неговото и нејзиното тело се споделуваат во нивните ноздри и ете… Ја бакнува. Финале. Кулминација. Не?

Жесток е. Признава дека се срамел, дека немал храброст, а сега е погрешно време. Сега е погрешно време за една мината љубов. Не, не беше љубов, ама не беше ни допаѓање. Можеби едноставно беше наклонетост. Можеби кога би требало да ги убие сите мажи на планетава, таа него би го поштедила – да кажеме така.

Втора епизода. Звуци од квалитетен лаптоп нежно ја емитуваат бавната мелодија од песните на „The Weekend“. Мириса на цигари и на старото, но пак, место со шарм. А, уште поголем шарм има креветот.

Нејзините затресени прсти едвај ја допираат неговата кожа, нејзините зборови го гребат. Вилицата ѝ се тресе од студ, кожата ѝ се ежи од ладно, а тој ја покрива. Ја заштитува, ја нарекува малечко и се грижи за неа.

Тоа ѝ требаше. Таа беше таква, навидум силна, бесна, бурна со реакциите и силно интуитивна, но се плашеше и имаше ранлива страна и тој таа вечер можеби ја виде.

Официјалната бизнис девојка која на љубовта гледа како на договор, ги отпушти конците да ѝ излезат надвор од контрола. Кожа на кожа, здив на здив, треперење на звуци во ушите и бакнежи со вкус на пиво, ракија помешани со цигари и мастика. Манијачки.

Дрско, лошо, полуромантично, бесно. Описи. Описи на вечер која еднаш се случува и можеби никогаш повеќе. Таа знаеше дека тој нема да се јави и уште вечерта му го кажа тоа. Но, нешто повеќе тлееше. Нешто повеќе постоеше и за воопшто овој муабет да биде преточен во зборови.

Страст? Можеби. Страв? Уште поголемо можеби. Желба за повторна средба? Од нејзина страна? Гарантирано.


Оставете коментар

___