• Сподели на:

Таа вечер научив дека сексот без љубов е само обично судирање на две тела

___

Беше два часот по полноќ, се сеќавам дека носев кратки панталони и огромна дуксерка, изгледав несредено, чекав двојка и плачев. На постојката немаше никој за да ги забележи моите солзи кои го размачкаа креонот на моите очи кој го нанесов пред излегување. Зошто плачев?

Знаете, ние луѓето сме многу чудни, на сите можни начини го предизвикуваме злото и го довикуваме во нашите животи хранејќи се од адреналинот на таа недозволива игра, за да подоцна плачеме кога ќе се соочиме со последиците. А, тие знаат да бидат ненадминливи.

Јас имав 17 години, тој имаше 22. Јас бев трета средно, а тој последна година на факултет. Два различни света, две различни приказни.

За разлика од останатите јас бев воспитана да бидам прибрана, што беше голема реткост на денешно време. Додека моите другарки јавно разговараа за својот сексуален живот, јас се срамев да ги кажам дури и интимните делови на човековото тело, вагина и пенис беа недозволиви зборови во мојот речник. Така ме научија од дома.

Но, знаете тешко е да живееш во околина во која си различен. Прашање е дали ќе имаш карактер да останеш доследен на себеси или ќе се изгубиш во бездната на просечното.

Колку и да лажев дека не ми пречи нивното постојано чепкање во мојата приватност и шегите за мојата невиност, ми сметаше. Горев од желба да го направам тоа, да ја изгубам невиноста, да го имам првиот секс само за да им покажам дека не сум ништо помалку од нив. Можеби и не беа вистинското опкружување во кое би требало да бидам, но сепак доста од животот поминав со нив.

Таа вечер излеговме на прошетка. Ме држеше за раката, да бидам искрена мислев дека е вистинска љубов, но го знаев многу кратко, нашата приказна траеше само месец или два, но мислев дека ќе биде нешто посебно. На негово изненадување јас го замолив да одиме кај него дома. Живееше сам во станот бидејќи неговите работеа надвор од градот. Ме погледна чудно и ме праша дали сум сигурна, да бидам искрена беше џентлемен, тука не можам да се пожалам.

Заборавив на сите приказни на кои ме учеше татко ми, на самопочитта, на љубовта која треба да постои, дека сексот е интеракција на две тела кои треба да бидат вжарени од љубовна стрела за да се доживее магијата. Заборавив дека треба да бидам подготвена и сигурна пред да го направам тој огромен чекор во мојот прекраток живот. Многу работи и закони прескокнав и прекршив. Замижав само за да бидам како останатите.

Кога влеговме кај него, очигледно тој беше поискусен, ги изгасна светлата, направи фина романтична атмосфера. Ме разголуваше дел по дел, ме допираше на места на кои ми беше непријатно, но не сакав да запре. Таа вечер сакав само да се случи, без разлика што моето тело ми велеше нешто сосема спротивно. Сакав да го одземе она што ме правеше различна од другите. Сакав да застанам и јас да раскажам за моите игри во креветот. Да бидам како нив.

Без да станам свесна во што се впуштам се случи, ја зари својата машкост во мене, а јас ја игубив својата невиност, почит и гордост. Во обидот да бидам како останатите јас ги изгубив сите вредности кои дотогаш ги поседував. Прекинавме брзо, за повеќе не бев ни искусна ни способна.

Само се облеков, собрав што имав и истрчав. Тој ме погледна збунето иако му беше јасно дека беше прерано. Но, не можев да го кривам него, тоа беше нормално во неговиот свет. Вината ми припаѓаше мене и само мене.

Влегов во автобусот и побрзав да се истуширам, со надеж дека никој нема да ме забележи. Додека водата паѓаше, го триев моето тело, обидувајќи се да му ја вратам гордоста, да си ја вратам честа, да го вратам она што го избрзав. Но, беше неуспешно. Работите се случуваат на сопствено барање. Дали е правилно или не, одлучуваме ние самите. Јас бев свесна дека не е правилно, а сепак дозволив да се случи.

Таа вечер научив дека нема ништо лошо во тоа да бидеш различен, бидејќи јас стнав иста, а чувството наместо благородно беше одвратно. Не добив ништо, туку изгубив. Затоа решив да ја раскажам својата приказна, за сите останати кои се чувствуваат слично или исто да сфатат дека нема ништо лошо во чекањето. Се она што е избрзано ќе биде неспоредливо со она што ќе се случува бавно, како еден процес, кога ќе ја ставиш семката во земјата не можеш веднаш да очекуваш плод. Јас добив плод и беше многу кисел.

Сексот е само обично судирање на две тела, ако нема нешто посебно, тоа го научив таа вечер.

Ако ја нема таа искра, ако ја нема таа доверба, таа сигурност, таа взаемна потреба за да биде правилен. Ако се прашувам повторно би чекала и до 30 за да го доживеам истото што го доживеав таа вечер, можеби со истиот човек, но многу подоцна.

Но, не остана простор за каење. Остана место само за солзи и надеж дека човекот кој ме обележа ќе остане доволно долго за да не се удавам од тага која ми ја растргнуваше душата.

Таа вечер плачев долго и барав начин да си простам што го упропастив детството на едно прекрасно девојче, од глупост, од каприц, од непочитување на сите мои правила. Но, кога го довикуваш ѓаволот и уживаш во тој адреналин треба да бидеш подготвен да ги носиш последиците на неговата злобна игра.


Оставете коментар

___