Што би било… Ако се сретневме во некој друг свет, на некое друго место? Што ќе беше ако се запознаевме кога немаше ваков бурен живот? Ќе ми дозволеше ли да бидам дел од твојата борба? Ќе ми дозволеше ли да тргнам во војна со тебе? Рамо до рамо со тебе, да се борам против тие твои демони?

Што би било…
Ако кажевме што чувствуваме еден за друг и што чувствуваме цело тоа време? Ако се гледавме секој ден и ако спиевме прегрнати секоја вечер?
Што би било да можевме да си праќаме пораки цел ден заради кои ќе се смеевме? Што би било да не се плашевме толку многу од одбивање? Дали сепак би ми кажал дека сум единствена? Дали повторно би се преправала дека не сакам ништо и би те гледала само како пријател?
Што би било…
Ако ти кажам дека не можам да ти бидам пријателка? Што би било ако ти кажам дека секогаш кога ќе те погледнам размислувам на дом. Дека сакам ти да бидеш мој дом и дека сакам тој дом да го изградам со тебе? Што би било кога би ти кажала дека сакам да бидам покрај тебе до крајот на животот?
Што би било…
Ако престанам да се преправам дека нејзиното присуство не ме иритира? Ако ти признам дека секој пат кога таа ќе те допре, јас пребледувам. Дека секогаш кога ќе те бакне, чувствувам горчина на јазикот. Што би било ако знаеш дека секој пат кога она ќе ти шепне „те сакам“, се крши уште едно парче од моето срце.
Што би било…
Ако ти кажам дека таа не те сака? И дека никогаш нема ни да те засака?
Што ако ти кажам дека таа не знае како да те сака бидејќи воопшто не те познава? Што би рекол кога би ти кажала дека знам дека мислиш на мене секогаш кога си со неа? И дека знам колку ти недостасувам во доцните часови кога таа е покрај тебе?
Што би било…
Кога би престанале да си недостасуваме еден на друг додека сме со луѓе и едноставно решиме да бидеме сами? Да ги прекршиме сите правила и да побегнеме?
Што би било кога еден ден би се разбудила покрај тебе и конечно престанам да размислувам , што би било..?

You must be logged in to post a comment Login