• Сподели на:

Кога со некој тишината ти е убава исто колку разговорите, потрагата е завршена

___

Ја запознав на еден сосем типичен начин за денешницата, на обично кафе излегување, но сè што се случи на нашата прва средба беше нестварно прекрасно. Таа ми ги запоседна умот, се провлекува тивко како крадец на сни и е најупорниот потстанар кој се вгнездил во нечии мисли, кои слободно може да ги нарече нејзин дом.

koga-so-nekoj-tisinata-ti-e-ubava-isto-kolku-razgovorite-potragata-e-zavrshena-1.jpg

Вообичаено кај девојките при првото запознавање ми се отпечатува визуелизација на нејзиното тело, пропорционалноста на градите и нејзината половина, должината на нозете, белината на забите, облеката која ја носи… и ретко повеќе од тоа. Би рекле многу површно, но очигледно не сум запознал девојка која успеала да ми остави поголем впечаток од надворешниот.

Сè до неа.

Ако ми речете да ја опишам како изгледа, ќе ви кажам дека има насмеани очи, кои благо се закосуваат при поголем наплив на смеа. Кога зборува со радост за последната книга која ја прочитала, тие почнуваат да светкаат и целиот нејзин лик се посипува со ѕвездена прашина.

Нејзиниот глас е како мед кој се истура на кадифе, пријатен, нежен и опивачки истовремено. Тоа е како мелодија која сакате постојано да свири од почеток, цел ден, секој ден.

Воопшто не ќе ја забележев џумката на нејзиното колено, доколку не ми ја посочеше објаснувајќи како несмасно падналa додека возела минијатурен тротинет, обидувајќи се да ја натера нејзината мала братучетка да го испроба возилото со кое може да се сврти целиот свет.

Зборуваше брзо и будалесто, а јас го впивав секој нејзин збор, како да е упатство од прирачник за усреќување. Таа просто ме фасцинираше со нејзината енергија и несекојдневните интереси, начинот на кој зема да брка една досадна мува, за да на крајот декларативно изјави пораз со смешната констатација – „Се надевам муво дека имаш подобар ден од мојот!“

Јас знам дека имав подобар ден од мувата. Бидејќи во тие 60 минути преживеав можеби 60 години, во мојот ум се одигра цела една претстава со нас двајца во главните улоги, нашето запознавање, држење раце на кејот, нашиот прв бакнеж и првата кавга… сончањето на тоа џумкосано колено, тајни пораки кои ѝ ги оставам под перницата, бесното и страсно безумно водење љубов, подароци за родендени и годишнини.

Се колнам дека ја видов и во бело и како испушта солзи од закосените очи додека го држи нашето бебе, се видов себеси како ѝ подарувам свеж цвет од нашата градина додека ги чекаме внуците на ручек… Видов сè и лудачки се потресов, а многу повеќе се уплашив и сакав да избегам сега и веднаш од овие визии, бидејќи не знаев што со себе, што со нив, што со неа.

Таа како да ме прочита, како да бев стаклено проѕирен, така некако успеа да продре во мојот ум. За момент го прекина објаснувањето за последното неуспешно јадење кое го готвела и се загледа во моите очи упатувајќи ми питом поглед кој целосно ме смири.

Тогаш сфатив – кога со некој ти е убава и тишината како и разговорите, потрагата е завршена.

Ете така се вљубив. И да не ве лажат оние кои велат дека љубовта не постои. Во мојот случај се манифестираше вака и повеќе немав дилема дали таму надвор во светот постои нешто подобро.

Додека ги допишувам последните зборови, звукот на мед кој се разлева на меко кадифе ме повикува да тргнеме за да стигне на распродажбата во омилената книжарница.

Го преклопувам листот и го оставам под нејзината перница.


Оставете коментар

___