• Сподели на:

Јас сум фабричка грешка кога е во прашање љубовта…

___

Здосадено ми е. Се уморив барајќи нешто што знам дека никогаш нема да го добијам од тебе.  Премногу сме различни и сакам да се убедам дека токму тоа е причината поради која можат нештата да успеат меѓу нас, ама знам дека е лага.

Ти религиозен јас не, јас дете – ти возрасен. Ти молчиш, јас уста не затворам. Толку сме спротивни, што палачинките различно ги виткаме.

Кажи ми каде? Кажи ми каде можам да направам да успееме? Да не се искараме, да не прекинеме да зборуваме и едноставно да бидеме јас и ти?

Однеси ме таму и верувам дека ќе те правам среќен како што ти ме правеше мене некогаш. Сакам да ме правиш среќна.

Тоа е најтрагичното. Што сакам да сум со тебе, а никогаш не сум.

И кажи ми како ќе успееме? А? Со солзи во очиве те прашувам и не се срамам да признаaм. Не сум слаба – напротив, посилна сум од сите.  Бидејќи сакам некако со мака, било како, да успееме.

Сакам името да ти го извикам на глас. Сакам да шетам, да те кријам и цели викенди да поминувам со тебе. Сакам да бидеш тука, барем малку поприсутен од онаа неприсутност која сега ми ја покажуваш.

Јас не сум горделива и не молчам. Секогаш си кажувам она што сакам да го кажам. Знаеш дека глатко ми одат зборовите, дека лесно ми оди шармот. Но, што да правам со тебе, кога тоа не „пали“ кај тебе?

Шармер кој не е женкар. Чуден си ти да знаеш. Ама тоа е едно од 200-те милиони нешта што ми се допаѓаат кај тебе. Етe, го реков. Ми се допаѓаш. Сега можам конечно да заминам пред ти да го направиш тоа.

Не сум како другите. Не сум љубоморна, ниту горделива ниту ништо…

Те барам ако сакам да те слушнам и се лутам кога тоа навистина го мислам. Со мене нема игри. Црно на бело – секогаш ја добиваш вистината.

А, вистината е дека сакам да се јавиш и да ги поправиме работите.

Дека судбина е што пораката не ти пристигна. Барем така верувам.

Ти, можеби веруваш во нешто друго. Можеби си друг човек. Не знам.

Можеби ова не е ни за тебе. Можеби ова за мене – ова е мој начин да се утешам. Да не биде со пиво, ниту со вино, ниту со друго момче кое ми го бакнува вратот на твое место.

Знаеш дека сум „зафркната“…

Знаеш дека сум фабричка грешка кога е во прашање љубовта.


Оставете коментар

___