Хумано решение за безбеден живот
Личен став на Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош
Граѓаните на Скопје, а особено на Општина Карпош, со години живеат со чувство на страв и несигурност поради сè поголемиот број на улични кучиња. Многумина избегнуваат вечерни прошетки, родителите се плашат да ги пуштат децата сами надвор, а постарите лица се затвораат во своите домови. Ова не е начин на живот што го заслужуваме ние, граѓаните на Карпош. Крајно време е, со конкретни мерки, да се реши овој проблем, а не како досега, да се игнорира!

Јас, Сотир Лукровски, во мојата програма имам хумано и одржливо решение за сите бездомни кучиња во Карпош. Хуманото и ефикасното решение e перманетно засолниште за уличните кучиња! Овој проблем не се решава со игнорирање или со сурови мерки. Во текот на мојата кампања ги слушнав сите можни предлози, но малкумина понудија вистинско, долгорочно решение – перманентно и хумано отстранување на сите бездомни кучиња од територијата на Карпош.

Јас лично имам две кучиња и не дозволувам никакво нечовечно постапување кон животните. Меѓутоа, моето решение е јасно, спроведливо и фер. Тоа се темели на ангажман на приватно прифатилиште, каде што секое куче ќе биде третирано со грижа, почит и човечност.
Во прифатилиштето, кучињата ќе бидат првенствено стерилизирани и вакцинирани. Секое кутре ќе имаат редовна исхрана и чиста вода, ветеринарна грижа и хигиенски услови за престој, и најважно, можност за вдомување и нов живот.
Клучот на успехот лежи токму во вдомувањето – преку соработка со странски организации, љубители на животни и доброволци, особено туристи од северно европските земји, со кои ќе овозможиме многу од овие животни да најдат свои нови семејства. Ова е четиригодишен проект, со јасен план, контрола и одговорност. Со ваков четиригодишен пристап, обезбедуваме двоен бенефит – граѓаните повторно ќе се чувствуваат безбедно затоа ппто кутрињата ќе се дислоцираат уште во првите 6 месеци, а животните ќе имаат достоинствен и убав живот.
Мојата визија и решение за Карпош е општина без страв, општина со љубов кон животните и почит кон човекот. Општината мора да биде пример за европско управување – со хуман, модерен и одговорен пристап кон секој проблем. Карпош е далеку од некаква Паланка и не смее да дозволи сегашното (дваесет години глутници по улиците) да стане нормално. Тоа јас нема да го дозволам!
Преку партнерство со приватно засолниште за кучиња – повеќегодишен договор за деловна соработка, и редовна контрола од општинските служби, ќе воспоставам транспрентен систем кој е и одржлив, и етички исправен.

Партиципацијата на граѓаните е суштински дел од овој проект. Ги повикувам сите жители на Карпош да ми се придружат во оваа мисија. Да покажеме дека еднаш можеме, да живееме во безбеден и нормален Карпош. Да создадеме општина каде што децата повторно ќе играат на улиците без страв, старите лица ќе шетаат со спокој, а секое улично кутре ќе има место каде ќе биде згрижено, нахрането и сакано.
Јас сум убеден сум дека примерот што Карпош ќе го постави, брзо ќе биде прифатен и од останатите општини – и во Скопје, и низ цела Македонија.
Овој проект не е само мерка – ова е визија за безбеден и хуман Карпош.
Со правилен пристап, транспарентност и грижа, можеме да го решиме проблемот кој повеќе од две децении создава страв, поделби и непријатност.
Карпош без страв. Карпош со љубов!
