Божиќ во Бразил, Нова Година во Агентина, истражување на карипските плажи и Малдиви, како и 13-те светски чуда се само дел од распоредот што ги очекува оние кои ќе се решат да одат на крстарење…
Ако отсекогаш сте сонувале да одморите и да ја смените адресата една, две или три години, Life at Sea Cruises може да го има одговорот на она што го барате. Името на MV Gemini е „пловечки куќи“ – брод за крстарење кој ќе го започне своето патување околу светот на 1 ноември 2023 година. Значи има уште доволно време да се договорат документи и други подготовки за патувањето.

За трите години колку што трае патувањето, патниците ќе се вкотват во 375 пристаништа, ќе посетат 135 земји и ќе ги преминат сите континенти.

Оние кои ќе одлучат да отпловат на патувањето на животот ќе видат бројни иконски глетки: од статуата на Христос Спасителот, гордоста на бразилскиот град Рио де Жанеиро и индискиот Таџ Махал, до мексиканската Чичен Ица – неверојатни урнатини на античките Маи, пирамидите во Гиза, Мачу Пикчу и Кинескиот ѕид. Крстарењето вклучува и патување до 103 „тропски острови“.

Крузерот, кој ќе стане нов дом за патници, има 400 кабини и места за 1.074 патници. Покрај вообичаените капацитети за релаксација, гастрономија и забава, Gemini е погоден и за деловни луѓе, кои на тој начин полесно ќе можат да работат од далечина. 14 канцеларии, сали за состаноци, библиотека и салон за одмор од работа ќе им служат на оние кои сакаат да работат на пат, а се вели дека ќе можат да ги искористат и даночните поволности поради „живеење на брод“.На патниците ќе им биде достапна и 24-часовна болница.
Патниците ќе плаќаат годишна „кирија“ од околу 28.000 евра, а поголемите кабини или оние со балкони чинат повеќе. Патниците мора да се регистрираат за сите три години, но можно е и споделување на просторот со други. На пример, пријателите или паровите можат да земат една кабина за целото патување и потоа да го споделат.
