Ниските температури, сувиот воздух, жешката вода, агресивните козметички производи и навиката за потпирање на главата на лактите додека седиме пред компјутер водат до сува и потемнета кожа на лактите која воопшто не е пријатна глетка.
Непосакуваната „слонова кожа“ на лактите можете да ја елиминирате со едноставни домашни третмани за нега.
Избелување и ексфолијација со лимон
Ексфолијацијата е клучен елемент во негата на рапавата кожа на лактите, бидејќи го отстранува слојот од мртви клетки кој освен што не е пријатен на допир, може и да придонесе за појава на темни флеки.

- Пресечете еден лимон и исцедете го сокот од едната половина. Во сокот додајте една голема лажица шеќер и половина мала лажичка маслиново масло за да добиете смеса која потсетува на влажен песок. Земете од смесата и со кружни движења масирајте ги лактите 2-3 минути. Измијте ја кожата со топла вода.
- Со другата половина од лимонот истријте ги лактите. Доколку врз кожата има парчиња од пулпата, тргнете ги, но немојте да се миете. Оставете ја кожата да се исуши и измијте ја дури по 3-4 часа. Лимонот е природен „избелувач“.
Омекнување на кожата со вазелин
Сувата кожа на лактите ќе стане минато за вас доколку редовно користите вазелин. Непосредно по туширањето, премачкајте подебел слој вазелин врз лактите и на рацете навлечете чорапи на кои сте им го отсекле делот кај прстите. Поставете ги чорапите така што „петицата“ да биде поставена на лактите. Оставете го вазелинот да ја негува вашата кожа во текот на ноќта.
Доколку не сакате да спиете со вазелин и чорапи на рацете, можете да се намачкате со вазелин и да ги замотате лактите со најлонска фолија. Откако ќе мине еден час, извадете ја фолијата и со салфетка избришете го вишокот вазелин, но не измивајте.

You must be logged in to post a comment Login