МакеДокс – детоксикациски!
Од 15ти до 21ви јуни по четврти пат во Старата Скопска Чаршија ќе се оддржи Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Љубителите на документарни филмови ќе имаат можност да погледнат вкупно 27 остварувања од светската документарна продукција.
Овогодинешните документарни теми ќе бидат поделени во четири програмски целини: главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови. Локациски и оваа година фестивалот ќе се оддржи во Куршумли Ан, каде ќе бидат организирани повеќето случувања, а новитет за оваа година се репризите на филмовите кои ќе се оддржат во Младински Културен Центар (МКЦ).
Поделени во четири натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од различни жириа. Официјални награди на МакеДокс се:
– Кромид- за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма
– Млад кромид- за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм)
– Кокарче- за најдобар филм за деца и млади
– Награда за филм за најдобри Етички идеи
И оваа година составен дел од фестивалот се работилниците, дискусиите под смоква, мастер клас, вечерните DJ сетови, изложбите. За време на фестивалските денови ќе бидат присутни околу 40тина истакнати режисери, продуценти, луѓе од меѓународната документарната филмска индустрија кои ќе ги претстават своите филмови и ќе ги споделат искуствата од својата работа.
Она што му претходеше на фестивалот беа проекциите за деца и млади организирани во Кинотеката на Македонија. Од 7-ми до 17-ти мај, благодарение на Кинотеката на Македонија и Шпанската амбасада во Р. Македонија, традиционално го реализиравме проектот „МакеДокс во Кинотека“ на кој го прикажувавме прекрасниот шпански филм „Мал свет“ на Марсел Барена. Проекциите ги погледнаа 1.764 деца од вишите одделенија од 10 скопски училишта. Нивните реакции беа повеќе од добри. Од оваа година, проекциите во Кинотеката на Македонија се со малку поинаков концепт: наместо еднаш годишно, проекциите за организирани училишни групи на основци ќе ги реализираме во три наврати: мај, септември и февруари.
Значајно е да се споменат и нашите целогодишни активности наменети да го поддржат образовниот систем во Македонија. Имено, како дел од проектот „МакеДокс во училница“, кој е поддржан од страна на Националната дотација за демократија (National Endowment for Democracy) од Вашингтон и „Пипл ин нид“ (People in Need) од Прага, во март го издадовме нашиот образовен првенец: Прирачник за користење на документарни филмови во наставата, наменет за наставници по граѓанско образование и социологија во средните училишта во Република Македонија. Деветнаесет наставници од осум градови во Македонија беа обучени и користеа документарни филмови како дел од пилот-фазата на овој проект.
Фестивалот и оваа година ќе го продолжи своето патување низ Македонија. Со нашето Патувачко кино повторно ќе се обидеме да ги децентрализираме културните случувања и да им донесеме одредена културна доза и на останатите места.