Што сѐ нема да се изнагледаме периодов кога годишните одмори се во екот, кога луѓето се опуштаат и заминуваат на плажа… Од конзерви паштета кои ги отвораат на +40⁰С, пластични сандали со или без бели чорапи до некакви си “свемирски” креации… Некои додатоци за на плажа се едноставно неприфатливи.
Конзерва паштета
Многумина ќе се сложат дека е многу слатко да се јаде леб и паштета, но веројатно не треба да потенцираме дека има и многу попримерни и посигурни намирници кои може да се консумираат на +40⁰С.
Пластични сандали
Разбираме кога малишаните пиштат и дека е тешко да им објасните дека е поздраво да се оди бос по песок отколку во некои пластични сандали. Но, таа информација обично ја забораваат и некои возрасни луѓе. Постојано ги гледаме па дури и навечер пластичните сандали кои никако не се добри за стопалата. А еволуцијата во производството не доведе и до крокс, кои се подеднакно бессмислени кога бањањето е во прашање.
Бели чорапи
Единствено полошо од пластични сандали на плажа се пластични сандали со бели чорапи. Тој концепт никако не го разбираме. Конечно дочекавме доволно топло време да не мораме на себе да носиме слоеви и слоеви облека, да може стопалото да ужива во природната масажа од камчиња и вода, ама не! Што е сигурно, сигурно е. Можеби околу 7 навечер ќе залади…
Кампување на плажа
Ако имате деца, тогаш знаете дека заминувањето на плажа не подразбира само пешкир и новчаник. Треба да понесете и крема за сончање, некоја течност, овошје, по можност чадор или шатор за сенка, играчки, кантичка и лопата за песок, резервна облека или барем резервни костими за капење, мало фрижидерче за храна… Понекогаш семејставата оддаваат впечаток на номади кои се селат од дома. И кога сето тоа ќе го спакуваат и ќе го стават во кола, ќе најдат место на плажа, ќе се распакуваат, веќе е време да почнат да размислуваат да се пакуваат зашто е време за вечера, бидејќи сонцето заоѓа.
Колекција романчиња
Покрај пливањето, пиење некоја пијачка или кафе, сладолед, сончање и други активности, на плажата најчесто знаеме да прочитаме некоја полесна литература. Ако не се списанија, тогаш се љубовни романчиња. Несреќни љубовни приказни, интриги, изневерување, љубомора… Можете ли да замислите интересна содржина додека се потите под чадорот за сонце?
Маици за бањање?
Ок, потполно разбираме дека не сите се чувствуваат совршено во своето тело и дека не им е баш пријатно да се соблечат во костим за капење, ама маица… Навистина? Да биде ситуацијата уште побизарна, често родителите се тие кои ги тераат децата да влегуваат во вода со маица за да не поцрвенат. Секако дека тоа нема никаква смисла. Ем мократа кожа побрзо гори, ем сувата бела маица дава заштита еквивалентна на фактор од 6 до 7, а мократа уште помал.
Со кола до плажа
Ако немате сместување веднаш до плажата ќе се одлучите за опцијата со кола на плажа. И тоа не е проблем се додека нема поединци кои ќе се одлучат да ја паркираат колата баш на плажа. Пак ништо… Судејќи по тоа дека со паркирањето на колата зафатил неколку места за сончање, најпаметно решение е да го постелите пешкирот на неговиот кров.
Свемирски креации
Апсолутно ја поддржуваме храброста за бизарни креации, но на некои парчиња облека е подобро да им одолеете. Да речеме, машка танга со леопардска шара може да биде забавна само во контекст на америчка комедија.
Транзистор
Можеби ви звучи бизарно, ама сеуште има луѓе кои на плажа си доаѓаат со транзистор. Веројатно станува збор за некоја хипстерска фора што не ја разбираме. Додуша, може да биде интересно да се чуе каква музика ќе одекне оттаму. А, ако е некој помодерен ќе пушти музика од мобилен. Но, малтретирањето други луѓе од било какви уреди, едноставно не е фора.
Куче како аксесоар
Куче со шнола и стегач на глава, по можност марама околу врат или некој сличен предмет… Често гледаме како доаѓаат на плажите со своите “модерни кучиња” и ги носат или во торба или во раце. Да можевме да поразговараме со кучињата… Претпоставуваме дека нив не им е дојдено до модните додатоци. А веројатно би им било уште помалку драго ако сфатат дека тие се “модниот додаток”!

You must be logged in to post a comment Login