Ролс Ројс го објави својот нов идентитет, кој има за цел дополнително да го модернизира познатиот бренд, со цел да привлече помлада целна група на клиенти…
Британскиот луксузен бренд ја ангажираше водечката агенција за дизајн Пентаграм, за да создаде сосема нов визуелен јазик за марката и нов идентитет на моделот Ролс Ројс. Торстен Мулер-Отвос, извршен директор на марката рече:
- „И додека нашето дигитално присуство се зголемува, никогаш не било поважно нашиот визуелен јазик да го одразува фактот дека ние сме водечки светски луксузен бренд. Започнавме една фасцинантна авантура за модернизирање на нашиот идентитет, да создадеме ехо од промените што можат да се видат во нашето портфолио, демографијата на нашите клиенти, нивниот начин на живот и луксузниот свет што ги опкружува “.

Компанијата Пентаграм одлучи да го остави двојниот R монограм непроменет поради своето неверојатно наследство, додека дводимензионалната верзија на иконскиот Spirit of Ecstasy доби поголема значајна улога во идентитетот на марката. Партнерот на брендот Пентаграм, Марина Вилер коментираше: „Употребата на Spirit of Ecstasy означува промена во резонанцијата на овој бренд – од автомобилската индустрија, во контекст на животниот стил. Тој поседува аспиративен квалитет во сферата на луксузот, каде го доби и центарот на вниманието. Spirit of Ecstasy сега може да се нарече муза на овој бренд.“

Создаден од Крис Мичел, водечкиот илустратор на марката и нивните икони, новиот Spirit of Ecstasy доби вистинска насока, да ја симболизира филозофијата на марката, односно нивното движење кон иднината. Симболот, исто така, стана поедноставен, почист и поизбалансиран, благодарение на тенка подлога што го идентификува како украс на хаубата.

Дизајнерското студио, исто така, создаде ново визуелно толкување на легендарната фигура, наречена Spirit of Ecstasy Expression. Флуидната форма на дигиталната илустрација се споредува со свилена ткаенина и има за цел да додаде супериорна аура на новиот идентитет на марката.

- „Сакавме да претставиме рамнотежа помеѓу уметничко дело што е навистина посебно, но направено со висока технологија и вградување на наука зад сцената“, објаснува Вилер.
Декорацијата на хаубите нема да се менува, но новиот идентитет на марката ќе влезе во промет уште на 1 септември.


