LEGO Technic одделот е познат по своите неверојатно детални креации и слободно можеме да кажеме дека овој пат тие се надминаа самите себе, создавајќи го моделот Lamborghini Xian во целосни димензии, базиран на скалираниот модел што веќе го имаат во својата понуда…
Оваа креација е едноставно совршена, а бројките што ја опишуваат се навистина неверојатни – над 400.000 LEGO Technic делови биле искористени за создавање на овој модел, кој се состои од 154 различни типови елементи на LEGO Technic и 20 излиени исклучиво за него.
Од развој до изградба, тимот на LEGO потроши 8.660 часа вредно планирајќи го конечниот резултат, што е зачудувачки во најмала рака. Ниту еден детал не е прескокнат на него – со должина од 4.980 мм, ширина од 2.101 мм и висина од 1.133 мм, моделот тежи 2.200 килограми и содржи реални детали како што е првиот премаз со ефект на четка, создаден од официјалниот лимар на брендот Lamborghini.
Гледано одвнатре, сè е конструирано парче по парче, од воланот што носи Lamborghini и италијанското знаме, сè до тркачките седишта и интригантната табла. Лена Диксен, виш потпретседател на производи и маркетинг во групацијата LEGO, рече: „Нашите дизајнери обожаваат предизвици, па можете да си го замислите нивното задоволство кога ќе им ја поставиме оваа задача! Нашите неверојатни дизајнери и инженери од нашата работилница едвај чекаа да се забавуваат со тоа, поместувајќи ги границите на можното. Креативноста обезбедена од системот LEGO Technic им овозможи да го создадат овој модел што одговара на исклучителниот дизајн на Lamborghini Xian FKP 37.“













