И покрај коронската криза, продажбата на Ламборгини оди одлично. Така, овој производител на супер спортски автомобили испорача 738 возила на клиенти ширум светот во септември, што го сруши претходниот рекорд на продажба во месецот.
Третиот квартал од оваа година (јули-септември) беше исто така одличен, кога беа продадени 2.083 автомобили со познатиот амблем на бик.
За да може Ламборгини да го собори сопствениот годишен рекорд во продажба, треба да го надмине резултатот од 2019 година, кога на клиентите им испорачаа 8.205 возила за 12 месеци.
Ламборгини е меѓу првите автомобилски компании што привремено го прекинаа производството оваа пролет поради пандемијата на коронавирус.
Работниците се вратија по машините по пауза од седум недели, за компанијата наскоро да претстави три нови автомобили од својата понуда: Huracan RWD Spyder, Sian Roadster и Essenza SCV12.
Во тој период, Ламборгини исто така забележа два значајни резултати – производство од 10.000. примерок од моделите Urus и Aventador.

