Светот на патувањето навистина се смени многу во изминатите неколку децении, овозможувајќи ни лесно да ги посетиме дури и најоддалечените делови на светот…
На располагање се авиони, подморници, хеликоптери, јахти и автомобили кои можат да се движат на која било површина, но според сите проценки, луксузното патување со воз е сè уште во нашите срца како олицетворение на декаденцијата, екстравагантноста и патувањето со стил. Ова дефинитивно се докажува со проектот за кој зборуваме денес.
Доколку G-Train, творештвото на парискиот дизајнер Тиери Гоган, стане дел од реалноста, светот на луксузните возови и патувања со воз ќе мора целосно да се трансформира. Ќе признаете, има совршена смисла, бидејќи целиот свет беше затворен во неговите четири sида во изминатата година, а возот на Гоган со четиринаесет вагони направени со стаклени sидови ќе го смени концептот на патување од една до друга точка. Возот G-Train од 350 милиони долари на Гоган ќе биде долг 400 метри и ќе може да ги менува поставките на неговите стаклени елементи од проѕирен, па сè до црна нијанса.
G-Train ќе има сè во себе – од луксузен вип апартман, над 18 соби за гости, вагон со теретана и спа центар, ресторан, сè до зона за рекреација, каде што може да се одржат концерти во живо или да се одржат мали ликовни изложби . Кога сонцето почнува да заоѓа, возот добива златна нијанса додека се движи по пругата со брзина од 160 километри на час.
Според неговиот дизајнер, „G-Train е нов начин да научите нешто ново за патувањата, фокусирајќи се истовремено на луксуз и технологија“. Внатрешноста на возот е дизајнирана со различни поставувања, светли нијанси и амбиенти кои можат да се менуваат со едно притискање на копче. “Може да биде зима надвор и да бидете опкружени со прекрасен летен ден со цвеќиња и ливади околу вас. Овој воз во суштина станува сцена што може да се конфигурира според вашите желби”, објаснува Гоган.
Судејќи според анализите, овој воз ќе биде права конкуренција на суперјахтите и мегајахтите, бидејќи ви дава можност да го истражувате светот околу вас на нов, приватен начин. „Овој воз е за сопственикот кој е ексцентричен и малку луд, но сето тоа на добар начин. Отвора нови врати и нови поглавја во вашиот живот, за кои не сте ни знаеле дека постојат.“





