Канадската пејачка Селин Дион ги откажа сите преостанати настапи и им кажа на обожавателите дека не се чувствува доволно силна за турнеја откако и беше дијагностицирано ретко невролошко нарушување.
На крајот на минатата година, пејачката откри дека боледува од синдром на вкочанета личност, што влијае и на нејзиниот квалитет на пеење.
„Ужасно ми е жал што повторно ќе ве разочарам.Иако ми се крши срцето, најдобро е да ги откажам настапите додека не бидам подготвена да се вратам на сцената“, напиша таа на Твитер.
Во декември минатата година, таа откри дека боледува од синдром на вкочанета личност, нарушување кое погодува еден од милион и со текот на времето ги тера болните да станат „човечки статуи“ додека прогресивно напредува и го инхибира телото, оставајќи ги луѓето неспособни да одат или да зборуваат.Во тоа време, таа рече дека нарушувањето, исто така, „не и дозволува да ги користи гласните жици за да пее како порано“.
Како и повеќето автоимуни болести, тоа е двојно почесто кај жените. Карактеристично за овој синдром е тоа што пациентот има болни мускулни грчеви и тие со текот на времето стануваат се почести. Оваа болест влијае на централниот нервен систем, особено на ‘рбетниот мозок. Пациентите може да станат инвалиди, врзани за кревет или инвалидска количка, неспособни да работат или да се грижат за себе.
Симптомите се екстремна вкочанетост, силна болка и хронична анксиозност. Мускулните грчеви можат да бидат толку тешки што ги дислоцираат зглобовите или дури и ги скршуваат коските. Важно е луѓето кои чувствуваат грчеви во пределот на ‘рбетот и вратот да контактираат со невролог.
