За две недели на филмскиот фестивал во Кан премиерно ќе биде прикажан филмот „Елвис“, биографска приказна за познатиот пејач Елвис Присли и неговата врска со менаџерот, полковникот Том Паркер. Една од првите луѓе што го гледале филмот била поранешната сопруга на Присли, 76-годишната Присила Присли. Таа минатиот викенд на Фејсбук објави дека е воодушевена од филмот во режија на Баз Лурман.
Присила напишала дека филмот го гледала заедно со Џери Шилинг, стар пријател на Елвис.
– Ова е приказна за врската меѓу Елвис и полковникот Паркер. Станува збор за брилијантно и креативно раскажана вистинита приказна која само Баз, на неговиот единствен уметнички начин, можеше да ја сними. Остин Батлер, кој го игра Елвис, е неверојатен. На сред филм јас и Џери се погледнавме и си рековме „Леле“ !!!. Браво за него… знаеше колку ќе биде напорно и тешко да толкува таков артист. Тој беше многу нервозен поради оваа улога. Можам само да замислам низ што поминал – напишала таа.




