Со задоволство се сеќаваме на деведесеттите, време кога убавиците со различни лица и форми на тело суверено владееја на модната писта; тоа е период кога се вреднуваше природната убавина, а пластичната хирургија се сметаше за „забранета“ за моделите од „повисок ранг“ или барем вешто се криеше.
Денес, ние сме преплавени со девојки кои изгледаат апсолутно исто, па погледот наназад кон жените кои ги красеа светските наслови на крајот на минатиот век е вистинско освежување. Жизел Бундхен, убавица со бразилско потекло, е една од најуспешните супермодели досега, а нејзиниот живот е исполнет со многу достигнувања на деловен и личен план.
– Убавината е чин – како се „носиш“, а не прашање на естетика – изјавила манекенката.
Детство и влез во светот на модата
Родена е во мал, рурален град во јужен Бразил,како една од петте сестри, од татко универзитетски професор и мајка службеничка во банка. Жизел е порасната во скромно семејство.
Додека се шетала во трговскиот центар, тогаш 14-годишното девојче, кое дотогаш професионално се занимавало со одбојка, било забележано од моден агент на една од најголемите светски агенции „Elite Modele Management“ со која потпишала договор. Две години подоцна, таа се пресели во Њујорк и го имаше своето деби на Модната недела таму.
- Сè што вреди да се има има своја цена. За да станам модел – морав да го напуштам семејството. Дали ми беше лесно? Не, тоа беше жртва што ја направив. Животот е предизвик, а само со предизвици можеме да растеме и напредуваме.
Некои луѓе влегуваат во светот на манекенството поради славата и социјалниот стил што го наметнува, но лично за мене секогаш беше прашање на просперитет, како некој што доаѓа од скромно семејство, видов можност да заработам и да развијам бизнис – истакна таа.
Грандиозен успех и пречки на патот
Таа се здоби со меѓународно признание во модната индустрија во 1997 година, кога се појави на насловната страница на магазинот “Vogue“.
И во 1998 година, шетајќи по лизгавата писта за модното шоу „Rain“ на Александар Меквин, таа се лансираше до самиот врв.
Имено, тогаш Александар и го дал познатиот прекар „Body“, поради нејзината способност виртуозно да оди во вртоглаво високи потпетици на влажна писта.
- Кога чекорам по пистата, не размислувам за тоа дека луѓето ме гледаат, би ми било премногу непријатно. Штом направам чекор, дишам длабоко и се фокусирам на растојанието што треба да го поминам и конечната точка, целта. Како спортист – изјавила манекенката.
Од 1998 до 2003 година, таа беше заштитно лице на модната куќа “Dolce & Gabanna“ и ги красеше нивните 11 последователни кампањи.
Жизел го започна феноменот познат како „камбек на секси модел“, поради нејзините необични облини во тогашниот свет на модели.
Во 2000 година таа потпиша договор со брендот „Victoria’s Secret“ и официјално стана нивни ангел.

Истата година, како ангел на Victoria на пистата, таа го носеше познатиот „црвен градник“ вреден 15 милиони долари, кој влезе во Гинисовата книга на рекорди како најскапата долна облека некогаш направена.
Но, иако красеше повеќе од 7.000 корици (што ја става на второ место, веднаш по принцезата Дијана), оваа единствена жена беше одбиена повеќе од еднаш.
Во 1997 година, непосредно пред нејзиниот голем „пробив“, на аудициите била одбиена дури 42 пати, поради, како што наведува, „преголемиот нос“.
- Мојот нос е тема уште од детството. Се сеќавам, имав 14 години кога една жена ми пријде и ми рече: „Никогаш нема да бидеш модел, немаш лице за тоа. Очите ти се премали, а носот преголем“ – се присети таа.
Но, во својата кариера соработуваше со најголемите имиња од модната индустрија и заработуваше вртоглави суми, а ги демантираше и предрасудите за стандардите за убавина.
Од 2004 година важеше за најплатен супермодел, а се пензионираше во 2015 година.
Приватен живот
На врвот на нејзината слава, во раните 2000-ти, Жизел беше во петгодишна врска со Леонардо ди Каприо. Парот раскина поради нејзината разнишана психичка состојба, а таа проговори за тоа вака:
- Кариерата ми беше врвна, но почнав да паѓам во депресија и да имам напади на паника. Го потиснав колку што можев бидејќи чувствував дека немам право да се чувствувам така, но на крајот стана поголем од мене. Не сакав да продолжам да ја „замолчувам“ болката со цигари, алкохол и прекумерна работа, туку да се развивам и да работам на моето ментално здравје, а тој сакаше да остане ист и одби да оди со мене на тоа „патување“ – призна манекенката во својата книга „Лекции: Патот до цел живот“.

Една година по раскинувањето со холивудскиот актер, Жизел го запознала рагбистот Том Брејди на состанок на „слепо“, а парот се венчал во 2009. Заедно имаат две деца, синот Бенџамин и ќерката Вивиен.
Иако важеа за еден од најпопуларните парови, во еден момент ги надминаа дури и Анџелина и Бред Пит по бројот на насловни страници, парот се раздели по 13 години брак. Тие останаа во добри односи.
- Ако на некој на овој свет му посакувам среќа – тоа е тој. Навистина, од длабочините на душата. Нема лоша крв меѓу нас, само сакаме различни работи од животот. Кога се запознавме го сакавме истото, сега тоа се смени. Некогаш растете заедно, а некогаш за да напредувате треба да се разделите. Ова не значи дека љубовта престанала, туку дека вие самите избирате.
Да се ставиш себеси на прво место е нежен танц, прашање на рамнотежа и се надевам дека со текот на времето ќе најдам некој што ќе ме сретне на средина – истакна оваа грандиозна жена.

Меѓу другото, Жизел е многу успешна деловна жена како и голем хуманитарец и борец за зачувување на планетата.
Имено, таа е амбасадорка на „Goodwill“, а нејзиниот бренд „Ipanama“ секоја година избира различна добротворна организација на која донира одредена сума од продажба.
Во 2010 година донирала 1,5 милиони долари за земјотресите на Хаити, а само една година подоцна уште еден милион за Тохоку.

Таа често организира аукции на кои го продава својот скап накит и гардероба, а редовно донира огромни суми на пари во родниот Бразил.
„Forbs“ ја рангираше на 15. место на „најдарежливи познати личности“.
– Единствено ми е важно да бидам добар човек и да ги правам работите од срце – изјавила таа.
