Супермоделот Кендал Џенер не ја крие љубовта кон ретро-трендовите кои триумфално се вратија оваа сезона, а како дел од нејзините омилени алишта се истакнува овој ретро фустан. Еден од најплатените супермодели на денешницата го носеше ова ласкаво парче на забавата на нејзината помлада сестра Кајли Џенер, а го зачини со гламурозни модни додатоци…
Сатенски, тесни фустани и светки се само дел од трендовите од почетокот на милениумот кои повторно доминираа на модната сцена, а 26-годишната манекенка Кендал Џенер во последниот стајлинг успешно ги обедини сите.
За забава организирана во една од многуте продавници на брендот Ulta Beauty, членката на кланот Кардашијан-Џенер зачекори во винтиџ фустан со сатенски сјај, кој се истакнува со ретро-футуристички принт на роботи.

Овој моден деликатес го потпишува познатото италијанско дизајнерско дуо Dolce &Gabanna, а беше претставено во нивната колекција за сезоната пролет/лето 2001 година, кога бразилската манекенка Жизел Бундхен за прв пат го прошета на модната писта.

Ласкавиот фустан бринетата го искомбинирала со генијални парчиња од дизајнерот Александар Ванг – елегантни црни сандали со потпетици и минијатурна чанта украсена со светки кои додадоа белег на гламур на ова издание.

