Италијанската модна куќа во средата ги потврди шпекулациите дека нејзиниот креативен директор Алесандро Микеле ќе го напушти брендот, кој го води од 2015 година.
Еден ден претходно, упатените открија дека имало тензии меѓу Микел и високото раководство во Кering, матичната компанија на брендот Gucci. Анонимен извор рече дека Микел бил „замолен да иницира силна промена на дизајнот“, но не се придржувал. Друг извор рече дека претседателот и извршен директор на Kering Франсоа-Анри Пино сака промена на темпото за најголемиот бренд на групацијата.
Веста имаше речиси непосредно влијание врз цената на акцијата на Кering. Акциите на корпорацијата пораснаа за 2 отсто во средата пред да паднат за 0,4 отсто во попладневното тргување – пред да закрепнат во раните вечерни часови, објави Ројтерс.
„Има моменти кога патиштата се разминуваат поради различните перспективи што секој од нас може да ги има“, рече Микеле во изјавата. „Денес завршува едно несекојдневно патување за мене, кое трае повеќе од 20 години, во друштво на кое неуморно ја посветив сета моја љубов и креативна страст. Во овој долг период, Gucci беше мојот дом, моето посвоено семејство. На ова пошироко семејство, на сите поединци кои ја поддржаа, ја упатувам мојата најискрена благодарност, мојата најголема и најтопла прегратка. Заедно со нив посакував, сонував, фантазирав. Без нив, ништо од она што го направив немаше да биде возможно. Мојата најискрена желба е до нив: да продолжите да ги негувате вашите соништа, суптилната и нематеријална материја што го прави животот вреден за живеење. Останете верни на своите вредности, живејте ги страстите, водени од ветерот на слободата“, се вели во соопштението на Микеле.

Микеле, поранешен дизајнер на додатоци, започна во Gucci во 2002 година, но официјално беше назначен за врвна креативна улога во јануари 2015 година.Заедно со извршниот директор Марко Бикари, Микеле надгледуваше период на невиден раст на брендот Gucci, кој беше прогласен за најпрофитабилен бренд на Кering во 2021 година, со приход зголемен за 31 отсто на годишно ниво на 10 милијарди долари (9,73 милијарди евра).
Меѓутоа, во последните квартали, популарноста на брендот Gucci почна да опаѓа. Работата на брендот особено на кинескиот пазар стана извор на загриженост за инвеститорите. „Тоа е бренд кој губи моментум, ако не постават некој да биде одговорен брзо, ќе изгуби уште поголем импулс“, рече еден извор.
Згора на тоа, акциите на Кering паднаа за околу 24 отсто од почетокот на годината. За споредба, акциите на најголемиот конкурент LVMH паднаа само четири отсто.
„По седум години на чело на креативната моќ на Gucci, можеби е време за промена, а се чини дека се гради консензус меѓу институционалните инвеститори дека е потребен нов пристап за повторно да се запали брендот“, велат аналитичарите за Ројтерс.
Со нетрпение чекаме да слушнеме кој ќе го замени брилијантниот Алесандро Микеле!
