Полското издание на списанието Вог им оддаде почит на жените кои се борат за повлекување на конзервативниот закон за абортус. На насловната страница, манекенката Ања Рубик позираше гола, покриена со темноцрвена ткаенина.
На лицето на Ања е насликан црвен гром, симбол на протест на жените против законот што забранува абортус во скоро сите случаи. По негодувањето во јавноста, усвојувањето на контроверзниот закон беше одложено.
Сега, полскиот магазин отворено зазеде став против пресудата во својот последен број, во кој се потенцираат зборовите „женска сила“.
“Сè што се однесува на Полјаците, важи и за нас. Ова се случува уште од првото издание на полскиот Вог, и секогаш ќе биде така”, се вели во изјавата на уредникот на Вог Полска.
“Правото на жена да избере е лакмусов тест за здраво, прогресивно општество. Овој момент ќе влијае на полското општество во следните децении. Државата ги ограничува жените со целосно забрана за абортуси и ограничување на нивните репродуктивни права. Репродуктивните права се човекови права, гарантирајќи слобода да одлучуваме за нашите животи и нашите тела, нашето здравје и нашата судбина “, напиша моделот.
Патем, претседателот на Полска, Анджеј Дуда, изјави дека смета дека жените треба да имаат право на абортус ако носат фетус со фатални вродени аномалии.
Овој став е во спротивност со неговите претходни изјави, кога тој ја поздрави одлуката на Уставниот суд за укинување на таквата можност, што доведе до масовни протести низ целата земја.
„Не може законот да бара таков вид херојство од жена“, рече полскиот претседател во интервју за радиото РМФ ФМ. Дуда рече дека продолжува да се залага за забрана за абортус во сите случаи, освен кога станува збор за фетус со фатални вродени аномалии.
