Шведските научници внимателно набудувале 28 бебиња со цел да забележат низ какви промени минуваат малите на самиот почеток од животот.
Ова истражување, чии резултати беа објавени во 2011 година во списанието „Акта педијатрија“, покажа како новороденчињата се однесуваат инстинктивно, кога се препуштени на првите слободни движења на нивното тело и првиот контакт со мајката.
Раѓање: Бебето плаче гласно, со што ги буди белите дробови.
2-ра минута: Бебето се смирува, се потпира – ако е можно на градите на мајката.
2,5-та минута: Бебињата за прв пат ги отвораат очите и постепено почнуваат да ги движат главата и усните.
8-ма минута: Бебињата стануваат поактивни – ги задржуваат отворени очите долго време. Гледаат во очите и градите на мајка им, покажуваат дека се гладни со плачење и ги насочуваат тупаниците кон усните.
18-та минута: Детето повторно одмара по овие движења.
36-та минута: Бебињата почнуваат да го користат своето чувство за мирис, сè уште се заинтересирани за градите на нивната мајка.
62-ра минута: Време е за првото доење! Бебињата пијат колострум – првото мајчино млеко, кое содржи бројни хранливи материи и молекули кои го зајакнуваат имунитетот. Ова рано цицање го стимулира производството на млеко и ѝ помага на матката што поскоро да се врати во претходната состојба.
70-та минута: Бебињата заспиваат и добиваат заслужен одмор.
