Во изминатите неколку недели, New York е на насловите во сите вести и весници како град кој е најсилно погоден од корона вирусот…
Ситуацијата премина од лоша во полоша за само неколку дена, а според последните наоди, работите полека се стабилизираат и во тој дел на светот. Бидејќи сите заедно веруваме дека од оваа состојба ќе излеземе како победници, вистинско време е да почнеме да се подготвуваме за славење. Што може да биде подобра забава од уживање во неверојатната убавина на New York од највисокиот видиковец на западната хемисфера? Видиковецот The Edge се наоѓа на висина од 344 метри, a нуди неверојатен поглед на целиот град.
Повеќемилионскиот проект завршен е пред неколку недели и неколку дена беше отворен за јавноста, пред корона вирусот да завладее со светот. Ексклузивниот видиковец има површина од околу 750 метри квадратни, а направен е од стаклени панели без рамка.
Со тежина од околу 382.000 килограми, Edge се наоѓа на стотиот спрат на зградата 30 Hudson Yards, а до него се доаѓа со неверојатно брз лифт. Видиковецот излегува од рамката на зградата за околу 25 метри, а има и стаклен под кој е совршен за љубителите на адреналин.
Edge секако ќе биде еден од главните акценти на New York и омилено место за собирање, кога ситуацијата ќе се врати во нормала. Овде воедно се наоѓа и бар кој служи шампањ, кафе, коктели и ужина. Цената за посета на видиковецот е околу 40 долари за временски ограничен влез, додека пак Premium Admission VIP пропусница ќе ве чини 100 долари.







