Во петок, на 27 јуни, ќе започне со работа нова железничка линија меѓу Варшава и Риека, која ќе сообраќа во текот на летото, до крајот на август.
Оваа возбудлива меѓународна линија ќе поврзе пет европски земји на рута долга повеќе од 1.125 километри.
Поаѓањето од Варшава е планирано секој вторник, четврток, петок и сабота во 14 часот, а пристигнување во Риека околу 9 часот следното утро. На враќање, возот ќе сообраќа во понеделник, среда, петок и недела.
На пат кон хрватското крајбрежје возот ќе застанува во неколку градови: Катовице, Рибник и Чалупка во Полска, Опочно во Чешка, Виена во Австрија, Љубљана и Постојна во Словенија и Опатија во Хрватска, пренесува nova.rs.
За време на 19-часовното патување, патниците ќе можат да уживаат во различните европски пејсажи од удобни, климатизирани вагони. Трпезариска кола со топли оброци ќе има и меѓу Варшава и Виена. Дополнително, може да се резервира кревети, со вклучена постелнина за дополнителна удобност.
Цените на билетите започнуваат од околу 47 евра (200 PLN), што ја прави оваа рута прифатлива алтернатива за секој што сака да патува со воз низ централна Европа.
Амбициозни планови за европската железничка мрежа
Возот Варшава-Риека е само еден дел од поширокиот тренд во развојот на железницата во Европа. Еуростар најави нови директни услуги од Лондон до Женева и Франкфурт, планирани за почетокот на 2030-тите. Реализацијата на овој план ќе зависи од набавката на 50 нови возови.
„Гледаме голема побарувачка за железнички патувања низ Европа. Патниците сакаат да одат подалеку од кога било досега и да уживаат во уникатното искуство што го нудиме“, рече Гвендолин Казенаве, извршен директор на Еуростар.
За љубителите на железницата и одржливото патување, ова лето носи вистинско уживање – комбинација на удобност, европски метрополи и јадранско крајбрежје.
