Нема смисла да се залажуваме – заштитните маски се сега дел од нашето секојдневие и се чини дека ќе останат уште некое време. И, додека се обидуваме да ја разгледаме работата од позитивна страна и да го прифатиме овој нов „моден додаток“, важно е да се справиме со еден многу непријатен несакан ефект од секојдневно и долгорочно носење маска, т.н. маскни.
Маскните се болни акни кои се јавуваат во областа на брадата, образите и носот, најчесто како резултат на лошо „дишење на кожата“ под маската. И покрај тоа што можат да бидат ужасно срамни, тие во никој случај не се доволно добра причина да се одбие носењето на заштита среде пандемија, затоа еве неколку совети како да ги избегнете и во најлош случај да ги третирате според упатствата на дерматологот Ана Чиен од престижното медицинско училиште „Џонс Хопкинс“.
За почеток, важно е да се истакне дека луѓето со проблеми со кожата како што се розацеа, атопичен дерматитис, акни и разни алергии се повеќе склони кон акни поради маски, па доколку спаѓате во оваа група, обрнете посебно внимание на следниве совети.
Маските се достапни на секој агол денес, но не е сеедно која ќе ја користите. Избегнувајте синтетички по секоја цена, а доколку користите памучни, препорачливо е да ги миете со нежни детергенти бидејќи посилните можат да предизвикаат чешање, црвенило и осип.
Исто така, треба да се има предвид дека многу комерцијални маски заради дезинфекција биле третирани со формалдехид, и затоа не заборавајте да избегнувате такви ако сте алергични на оваа хемикалија.
Важно е да ги одржувате чисти маските за повеќекратна употреба затоа што маслата што се лачат од нашата кожа, плунка и пот кои се собираат на маските може да бидат главните виновници за појавата на маскните.
Ако веќе сте наишле на маскни, користете нежни продукти за миење лице и вода (ништо миризливо и антибактериско) и ставете понежна хидратантна крема навечер. Додека ја носите маската, важно е да се создаде бариера помеѓу кожата и материјалот, па затоа се препорачува да се користат петролејски масти како што е крем со цинк оксид. Бидејќи никој и онака не го гледа долниот дел од нашето лице, не е лошо да се откажеме од декоративната козметика во пределот покриен со маската и со тоа да се спречи затнувањето на порите.
