Стотици илјади посетители годишно минуваат низ позлатените сали, се качуваат по монументалните мермерни скалила, се восхитуваат на кристалните лустери и плафонските слики насликани од Марк Шагал. Но, никој до сега не преноќил во оваа позната зграда.

Благодарение на проектот Airbnb, сега можете буквално да преноќите во Париската опера. На 16 јули 2023 година, среќната двојка ќе може цела ноќ да шета низ салите на Операта (по можност во придружба на Фантом). На овој ден можете да резервирате една од Box of Honour (kутијата на честа) која привремено ќе се претвори во луксузна спална соба за симболични 37 евра. Оваа кутија е една од најексклузивните приватни области за гледање и обично е резервирана за ВИП посетители.

Airbnb, со помош на историчари, ја обнови кутијата на честа N37, украсувајќи ја со кадифе, луксузни ткаенини и антиквитети од познатите париски пазари. Ова реновирање беше дел од поголема донација за обновување на кутиите на операта Garnier и зачувување на нивниот историски сјај. Идејата за „спиење“ во познатата зграда е да се поттикнат луѓето да „патуваат и сонуваат – и да предизвикаат многу позитивни емоции поврзани со далечните талкања“.

„Сонувам за ова пет години, откако отворивме канцеларија спроти Париската опера. Ова е едно од најубавите места во еден од најубавите градови во светот“, вели Емануел Мерил, шеф на Компанијата Airbnb во Европа, Африка и Блискиот Исток, за проектот.

Операта Garnier,нарачана од императорот Наполеон III, стана париска знаменитост од нејзиното отворање во 1875 година, а нејзината фасада стана еден од симболите на градот. Но, многу тајни места на операта Garnier се недостапни за обичните посетители, на пример, покривот каде што стојат кошниците и се произведува „оперскиот“ мед или подземното „езеро“ – таканареченото дувло на Фантом. Гостите кои резервираат ноќевање ќе можат да ја видат оваа цистерна со димензии 54 x 45 метри (поголема од олимписки базен) која служи како резервоар во случај на пожар. Овде, во речиси целосна темнина, париските пожарникари учествуваат во подводна обука.

Ноќната авантура Airbnb ќе ја води Вероник Леру, правнуката на авторот Гастон Леру. Долго пред мјузиклот на Ендрју Лојд Вебер да се појави на сцената на Бродвеј, најпродаваниот роман на Леру „Фантомот од операта“ беше читан низ светот.
„Приказната напишана од мојот прадедо ги инспирираше луѓето низ годините. „Ова е совршено време да го почитуваме неговиот спомен и да ги поканиме обожавателите на местата на неговиот сакан роман“, вели Вероник. За спалната соба позајмила две оригинални книги од првото издание на романот, кои заземаат место на античка ноќна маса покрај пар антички оперски очила.

Овој проект ја означува и новата светска турнеја на еден од најдолговечните и најомилени мјузикли во светот, Phantom of the Opera. Во 2023 година ќе биде прикажан во 15 земји, вклучувајќи ја и последната продукција на Бродвеј, а фановите ќе можат да си ја пробаат среќата и да тргнат по стапките на Фантомот поминувајќи една ноќ во неговото „живеалиште“.

Резервациите се отворени од среда, 1 март 2023 година на Airbnb.
