Честопати на нашите списоци со желби за идни патувања се романтичните градови кои нудат многу содржини во однос на гастрономијата, културата и шопингот или бескрајните песочни плажи на тропскиот остров. Но, понекогаш она што навистина ни е потребно за одмор е враќање кон природата и потрадиционален начин на живот. Драматичниот пејзаж на Лофотен во северна Норвешка, една од најсеверните населени области на Земјата, го одзема здивот. Стрмните планински клисури, синото море во контраст со црвените рибарски колиби и небото над отвореното море се незаборавни глетки до кои не е лесно да се стигне – само од Осло ви треба авион, а потоа и возење со брод.

Архипелагот Лофотен е идеален за оние кои претпочитаат помалку асфалтирани патишта и активни празници, бидејќи оваа дестинација нуди вистинско уживање за авантуристи.

Леденото море нуди многу можности за сите оние што се осмелуваат – покрај веслањето, можно е и нуркање со морски цицачи, а дестинацијата е исклучително популарна кај сурферите, кои понекогаш одат на бранови дури и за време на виулицата.

Што се однесува до гастрономијата, највообичаена храна е бакалар , до тој степен што неофицијалното мото на градот Хенингсваер е парафраза која гласи: „In cod we trust” (прев. На бакаларот му веруваме).


Но, најголемата егзотика на оваа дестинација лежи токму во спецификите на географската локација и климата. За најжешките летни денови, температурата достигнува освежувачки 17 степени. Од крајот на мај до средината на јули сонцето воопшто не заоѓа, додека од почетокот на декември до почетокот на јануари воопшто не изгрева, а во периодот од септември до март е можно да се види фантастичниот феномен на поларната светлина. Ненадмината мешавина на недопрена природа, спорт и традиционален начин на живот е причината зошто оваа дестинација на север ќе се најде на списоците на идни патувања на сите љубители на уникатен одмор.

